10 најчести причини поради кои врските и браковите пропаѓаат

10 најчести причини поради кои врските и браковите пропаѓаат

Никој не влегува во врска со надеж или очекување дека таа ќе се распадне. Посакуваме среќна иднина и љубовна искра која ќе гори и на стари години. Но, факт е дека многу од врските не успеваат. Особено во денешно време со модерните сфаќања и слободниот избор на партнери, што само по себе воопшто не е лошо, но сепак би требало да знаеме како да градиме цврсти и сериозни врски. Ова се десетте најчести причини поради кои врските и браковите се распаѓаат. Секако имате можност да не ги направите овие грешки.

10 најчести причини поради кои врските и браковите пропаѓаат

1. Работите стануваат сериозни пребрзо

Да се избегне ова е тешко, бидејќи додека сте во фазата на „меден месец“, ви се чини дека вашата врска би пребродела сè и дека тој/таа е вистинскиот/вистинската за вас. Но, по одреден период сфаќате дека не е баш така. Не залетувајте се, дозволете си да се запознаете. Ништо не е со сигурност онака како што изгледа на почетокот. Многу често врските прекинуваат бидејќи станале сериозни пребрзо. Дали се гледате себеси со таа личност во иднина, делите заеднички цели, желби и интереси, ви одговара карактерно? За да бидете сигурни во ова ви треба време. Сепак, не е работата да имате кој било покрај себе, туку личност со која врската вистински ќе ве исполнува.

2. Го/ја правите одговорен/на за вашата среќа

Вашата лична среќа е она што влијае на вашата среќа како пар. Најчесто девојките го прават својот партнер одговорен за нивната среќа. Да го поставите како личност чие задолжение е да ве прави среќни постојано е исто како да го правите одговорен за изгревањето на сонцето. И покрај тоа што партнерот треба да придонесува за вашата среќа и благосостојба, некои работи се надвор од негова контрола. Нашата среќа зависи од нас самите, а не е нечија задача.

3. Премолчување на она што ве мачи

Не може да решите проблем ако другата личност не знае што точно чувствувате. Понекогаш очекуваме од луѓето да ни ги читаат мислите. Но, вистината е дека тој/таа нема таква моќ. Ако сакате проблемот да се реши, кажете го. Со константно премолчување и правење другата личност да се чувствува виновна и да претпоставува што и каде згрешила, голема е веројатноста дека ќе ја оттргнете од себе.

4. Непоминување доволно време заедно

Секако дека имате обврски и други личности на кои треба да им посветите внимание. Не значи дека треба да бидете заедно постојано. Но, минувањето исполнето и убаво заедничко време е важно,

само што на моменти може да изгледа невозможно, особено ако имате деца или сте претрупани со обврски. Издвојувајте време кое ќе си го посветите еден на друг, спречувајќи искрата страст во вашата врска да згасне. Одберете период во кој ќе се исклучите од останатиот свет, одете на прошетка, на вечера, танцувајте, излезете во клуб, гледајте филм, сеедно, што и да правите, правете го заедно.

5. Не го/ја слушате вистински

Момци, можеби фудбалскиот натпревар ви е поинтересен, или девојките во умот вртат шопинг листа, но кога ви зборува партнерот, слушајте! Заборавете на мултитаскингот и посветете го потребното внимание. Врските добиваат цврстина кога ја слушате другата страна, а така и таа ќе обрати внимание на она што вие го зборувате. Бидете активни слушатели, прашувајте и интересирајте се. Споделете проблеми, случки и видувања.

10 најчести причини поради кои врските и браковите пропаѓаат

6. Немате доверба во партнерот

Во ред е да не ја даваме нашата доверба целосно и пребрзо, но доколку воопшто немате доверба во партнерот, зошто останувате во врска која ќе ве измачува? Таквата врска кога-тогаш ќе заврши. Љубомората е најголемиот непријател на секоја врска или брак. Постојаното проверување на телефонот на вашиот партнер никогаш нема да донесе нешто добро, ниту пак ќе ви ги намали сомнежите. Само ќе ве поттикне да бидете личност која е несигурна во себе.

7. Постојано споменување на проблеми од минатото

Колку пати сте го/ја „потсетиле“ на нешто што се случило пред 5 години? Работата е во тоа што тие проблеми се во минатото. Фокусирајте се на денес, не на вчера. Со споменувањето на минатото може само да ја расипете сегашноста или да го направите сегашниот проблем уште поголем. Кога ќе спомнете нешто од минатото и другата страна ќе спомне нешто исто така, и нема крај. Научете проблемите и несогласувањата да ги оставате зад себе.

8. Игри и тестирања на врската

Можеби ќе му речете дека не сакате ништо за вашата годишнина, бидејќи не е толку важно, но во суштина ви е многу важно. Вашата намера е да го тестирате партнерот и да видите како ќе постапи и што ќе ви купи. Но, ако сте одлучиле да играте игри, подгответе се да изгубите. Животот и онака доволно нè тестира, носејќи нè во различни ситуации, искушенија и проблеми. Вашата врска ќе добие зрелост со тек на време, но вашите обиди да ја тестирате можат пребрзо да ја уништат.

9. Бодување и следење на резултатот

Дали „будно“ следите кој колку и во што вложува труд? На пример, колку пати вие сте го фрлиле ѓубрето бидејќи другиот заборавил, или колку пати вие сте подготвиле романтична вечера, а колку пати тоа го сторил вашиот партнер? Заборавете на ваквото ментално бодување. Во врските се добива и се дава. Не може постојано резултатот да биде изедначен, а најважно од сè, можеби и воопшто не бодувате правилно. Не е до тоа колку работи правите за него или тој за вас, туку колку и двајцата вложувате во вашата врска.

10. Не го/ја прифаќате целосно и очекувате да се промени

Ако не сте го/ја прифатиле или ако очекувате и сакате да се промени, зошто воопшто сте во врска со таа личност? Не постојат совршени луѓе кои немаат маани. Но постојат луѓе кои се совршени за вас или барем нивните маани ви се подносливи. Колку и да се трудите, тој/таа никогаш нема да се промени. Доколку влегувате во врска со надеж дека другата страна ќе се промени, тогаш залудно губите време.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар