Онлајн порнографијата може да влијае негативно на вашето помнење
И покрај тоа што некои луѓе сметаат дека порнографијата е забавна, тие не секогаш ги паметат работите кои ги виделе. Одредени истражувања покажале дека гледањето порно филмови на интернет може да ѝ попречи на краткотрајната меморија.Оваа студија е прва досега која ги испитувала влијанијата од процесирање на порнографски фотографии врз помнењето. Делот од мозокот кој е одговорен за чување на информациите додека завршувате друга задача, е клучен за работната меморија која ги опфаќа разбирањето, сфаќањето, решавањето проблеми и донесувањето одлуки.
Германските истражувачи им дале задача на 28 мажи, хетеросексуални и во просек со 26 години, да гледаат неколку компјутерски фотографии. Некои од нив не биле со сексуална содржина. Непорнографските фотографии вклучувале луѓе кои прават голем број активности, како смеење, спортување или носење оружје. Како што испитаниците ги разгледувале фотографиите, тие притискале „да“ или „не“ за да дадат до знаење дали станува збор за истите фотографии кои тие ги виделе четири слајдови претходно.
Мажите добиле значително поголем број неточни одговори кога гледале порнографски фотографии, отколку кога ги гледале оние со несексуална содржина. Во просек, тие одговарале точно само 67% од времето кога гледале порнографија, но 80% во случајот со непорнографски содржини. Нивното помнење при изложеност на порнографија било доста послабо и мажите изјавувале дека во тие ситуации на некој начин биле преокупирани со зголеменото сексуално возбудување, како и зголемената потреба за мастурбирање.
„Сексуалното возбудување ù попречува на работната меморија, која е значаен дел за извршните функции,“ вели авторот на оваа студија, Кристијан Лаијер. Студијата била објавена во ноември, 2012 година во Списанието за сексуални истражувања.
Според истражувачите, ова откритие би можело да им помогне на психолозите подобро да разберат зошто некои луѓе кои се зависни од интернет порнографија забораваат да спијат, пропуштаат состаноци и ги занемаруваат своите работни одговорности и љубовни врски.
„Сексуалното возбудување и неговото влијание на когнитивните процеси можат да објаснат дел од овие негативни ефекти,“ велат истражувачите.
Бидејќи оваа студија се базирала строго на хетеросексуални мажи, сè уште не може да се каже дали овие откритија важат и за хомосексуалците, како и за жените. „Оваа студија е прв чекор,“ вели Лаијер. „Нашите резултати допрва треба да бидат потврдени со поголемо истражување кое ќе вклучи разновидност во полот и сексуалната ориентација.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.