Сонови што укажуваат на некои здравствени проблеми

Сонови што укажуваат на некои здравствени проблеми

Психолозите се согласуваат дека пораките од соновите не треба да се игнорираат бидејќи токму од нив можете да прочитате важни информации за вашата здравствена состојба. Истото го тврди и народната традиција. Симболите од сонот може да бидат знаци на депресија, срцев удар или може да предупредат на ризикот од Алцхајмерова или од Паркинсонова болест.

Сонови што укажуваат на некои здравствени проблеми

Постојат конкретни докази дека соновите, почнувајќи од оние што се повторуваат секоја ноќ, преку живописни соништа и кошмари до бизарни ноќни визии, можат да предупредат на некоја болест пред да се појават првите симптоми.

„Ако често страдате од кошмари, тоа може да предупреди на проблеми со срцето, мигрена или недоволно спиење. Непријатните кошмари можат да бидат предизвикани и од лекови за крвен притисок од редот на бета-блокаторите“, вели професорот Џим Хорн, експерт за сонови од Универзитетот во Лофборо.

Овие лекови ги прошируваат крвните садови, но експертите веруваат дека тие, исто така, можат индиректно да ја нарушат рамнотежата на одредени хемикалии во мозокот и затоа сонувате кошмари. Лошите соништа, исто така, можат да бидат поврзани со слабо срце, според истражувањето спроведено на повеќе од 6.000 испитаници чии резултати биле објавени во холандското издание на „Journal of Medicine“.

Научниците откриле дека оние кои страдаат од неправилно чукање на срцето имаат трипати поголем ризик од кошмари, а кај оние кои чувствуваат болка во градите се јавува седумпати поголем ризик. Луѓето кои имаат проблеми со срцето се, исто така, повеќе склони кон проблеми со дишењето, што го намалува нивото на кислород во мозокот.

Кошмарите и грдите соништа полни со бес и агресија може да бидат предупредување дека имате мигрена. Без разлика дали секоја вечер сонувате како ве прогонуваат или ве напаѓаат, ваквите стресни соништа можат да бидат предзнак на некое заболување на мозокот или на невродегенеративни болести како Алцхајмерова или Паркинсонова болест.

„Предупредувачките сонови се случуваат и десет години пред првите симптоми на болеста, како што е губењето на меморијата“, истакнува д-р Оскорфт од болницата Папворт во Кембриџ.

Се верува дека луѓето кои редовно сонуваат како некој ги напаѓа или ги прогонува, страдаат од нарушувања во однесувањето во РЕМ-фазата на спиењето. Акутната форма на ова нарушување може да се појави и при откажување од алкохолот или од лекови за смирување.

„Бизарните соништа може да предупредуваат на инфекција или на почеток на менопаузата. Инфекциите можат да предизвикаат полубудна состојба, што е причина за бизарни соништа“, вели неврологот д-р Патрик Мекнамара од Медицинскиот факултет во Бостон.

„И пиењето доцна во ноќта може да биде причина за такви живописни соништа, што најчесто се јавуваат во зори затоа што тогаш ефектите на алкохолот ослабуваат, а тоа влијае на хемикалиите во мозокот и создава чудни соништа“, открива професорот Џим Хорн.

Покрај тоа, според сведоштвата на многу жени, живописните соништа се карактеристични за менопаузата и се смета дека се знак за хормонални промени.

„Ако ви се чини дека сонувате повеќе од вообичаено, причината за тоа може да биде флуктуацијата на хормоните, поради што жените често сонуваат многу повеќе за време на менструацијата“, вели проф. Хорн.

Иако ноќе за време на РЕМ-фазата „минувате“ низ 4-6 епизоди од соништата, повеќето луѓе не се сеќаваат на тоа. Луѓето сонуваат 28-42 соништа за време на една седмица, но се сеќаваат само на два или три сонови, а остатокот е избришан. На сонот можете да се сетите само ако се разбудите додека сонувате.

Ако „филмот заврши“ и продолжите да спиете, ќе го заборавите тој сон. Се претпоставува дека жените се сеќаваат на соништата многу повеќе од мажите токму затоа што имаат полесен сон и почесто се будат.

Ако сонувате повеќе од вообичаеното, тоа може да биде резултат и на хронична болка, откажување од употребата на антидепресиви или ако во просторијата е премногу топло или ладно. Сето ова му пречи на спиењето и предизвикува почести будења во текот на РЕМ-фазата, поради што се сеќавате на повеќе соништа и верувате дека сонувате повеќе од вообичаеното.

„Ако сонувате и се будите ноќе и рано наутро, тоа може да предупреди на депресија и да биде знак дека сте под зголемен стрес или дека имате прекумерна тежина. Мрсната храна, исто така, може да биде причина за лошите сонови. Оние кои се под стрес или страдаат од депресија, влегуваат порано во РЕМ-фазата, порано „минуваат“ низ соништата и порано се будат“, вели проф. Хорн.

Сите такви сонови се пораки дека е време малку да забавите.

Многу мајки сведочат дека имале живописни и вознемирувачки соништа за време на бременоста, но тие имале помал ризик од постпородилна депресија. Исто така, стресот често се манифестира со панични соништа и многу луѓе сонуваат дека доаѓа голем бран или дека доцнат некаде.

Прочитајте дали еротските соништа со друг маж се предупредувачки знак.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар