Непотребно го губиме времето, а не сме ни свесни за тоа!
„Животот е премногу краток за да си го губиме времето непотребно“, рекол францускиот писател Виктор Иго.
Па, колкумина од вас се свесни за непотребното време кое го трошите во текот на денот?
Да започнеме од почеток. Најпрво се работи за ситуации кои ни го одземаат скапоценото време, како и нашите живци. Гужвата во сообраќај, чекањето автобус, редот на касата, чекањето кај доктор и слично се ситуации кои едноставно не можеме да ги избегнеме. Но, постои многу поголем проблем кој бесмислено ни го троши времето, а кој би можеле да го искористиме на подобар, поквалитетен и позабавен начин, ако сме свесни за тоа.
Дами, колкупати сте отишле во бутик да разгледувате, знаејќи дека ништо нема да купите?
Момци, колкупати сте ги прелистувале огласите за автомобили, иако знаете дека сте далеку од купување автомобил?
Постојат безброј примери, но ние како да сме програмирани да губиме време. Најдобар доказ за тоа е избегнувањето нови, феноменални опции кои ни заштедуваат време, труд, па дури и пари. Да го земеме за пример плаќањето сметки. Веќе некое време постојат онлајн услуги за плаќање, но и покрај тоа, поголемиот процент од луѓето сè уште плаќаат во банки и пошти. Зошто да чекаме во ред, а патем да потрошиме и пари за гориво или за автобуска карта? Сè може да се заврши со само неколку кликања на телефонот.
Парадоксот е тоа што 41,58% од испитаниците тврдат дека чекањето во ред го сметаат за најголемо потрошено време, а поголемиот дел сè уште избегнуваат да заштедат време со онлајн плаќање.
Кога ќе сфатиме дека времето е единственото нешто кое нема цена и не може да се врати? Подобро е да се испие кафе со пријателите или да се посетат родителите отколку бесмислено да го потрошиме времето коешто не можеме да го вратиме.
Колку порано сфатиме дека времето е најдрагоценото нешто што го имаме, толку помалку ќе се каеме во иднина.