3 броеви кои откриваат дека сте здрави и во добра форма
Ништо не е поважно од здравјето! Toa e факт кој во стресниот и забрзан модерен ритам на живот честопати го забораваме. Но, за да ги држиме работите под контрола и да бидеме што поздрави, треба да внимаваме на овие 3 основни броеви. Исто така, доколку ги контролирате овие броеви не само што ќе изгубите килограми, туку и ќе направите уште еден чекор кон поздрав живот.
1. Крвниот притисок
За зголемениот крвен притисок може да се каже дека е болест на денешницата, а токму со одржувањето на овие вредности на нормално ниво, може да се спречат бројни инциденти од срцев па до мозочен удар. За да бидете сигурни дека не спаѓате во ризичната група, проверете го вашиот притисок и споредете го со овие вредности.
- Нормален крвен притисок: 120/80
- Прехипертензија: 120/80 и 139/89
- Висок крвен притисок: 140/90 и повеќе
Хипертензијата (висок крвен притисок) го зголемува ризикот од мозочен удар, инфаркт и хронични болести на бубрезите. Хипертензијата нема никаков симптом, а токму поради тоа високиот притисок се нарекува и тивок убиец.
2. Обемот на струкот
Погледнете го вашиот струк и ќе знаете дали сте здрави. Барем така велат експертите. Всушност, висцералната маст (салото на стомакот), која се обвила околу внатрешните органи праќа токсини кон целото тело. Според истражувањата, на секои 5 сантиметри од обемот на струкот, ризикот за смрт се зголемува за 9%. И додека нашиот индекс на телесна тежина (БМИ) ни покажува колку килограми имаме, за жал не ни ја открива информацијата за тоа каде е масното ткиво распоредено. А многу е важно дали салото е наталожено на стомакот.
Истражувањата покажуваат дека струкот чиј опсег кај жените изнесува над 88 сантиметри и кај мажите над 102 сантиметри, може да ги зголеми шансите за заболување од хронични болести како што се дијабетес и болестите на срцето.
Големината на струкот кај жените би требало да биде до 80 сантиметри, а кај мажите околу 93 сантиметри.
3. Нивото на холестерол
Холестеролот е најпознатата маснотија во организмот и е присутен во секоја жива клетка. Разликуваме добар (HDL) холестерол и лош (LDL) холестерол, чие зголемено ниво во крвта предизвикува можни болести на срцето и крвните жили, како и го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Количината не зависи само од внесувањето храна, дел се создава и во самото тело. Се смеата дека 20% од вкупниот холестерол во телото е добиен преку храната, а околу 80% се синтетизира во црниот дроб. Холестеролот се искажува со интернационалната мерна единица mmol/l. Некогаш за здрава се сметала вредноста до 7 mmol/l, а денес препорачаната вредност на холестерол за возрасни е до 5 mmol/l.
Зголемениот лош холестерол предизвикува постепено насобирање на маснотиите во внатрешноста на капиларите и артериите, па со тоа постепено предизвикува артериосклероза и со тоа срцев, но и мозочен удар. Затоа е дефинирана неговата најголема препорачана вредност, а би требало да биде пониска од 3,0 mmol/l.
За да го знаете нивото на холестерол потребно е да го посетите вашиот доктор, а после соодветното испитување ќе дознаете дали треба и како да го намалите нивото на холестерол во организмот.