ТВ серија: Јас зомби (iZombie)
ТВ серија за студентка по медицина која ќе открие дека да се биде зомби има и позитивни страни
Главни улоги: Роуз Мекајвер, Малколм Гудвин, Раул Коли, Моли Хејган, Ник Пурч
Жанр: криминалистика, драма, хорор
Креатор: Мајк Алред
Премиера: 17 март 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 42 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 10
Ваша оценка:
Интересна е опсесијата со зомби приказни која се појави ширум светот во последниве неколку години. Најверојатно под влијание на стриповите и ТВ серијата „The Walking Dead“, луѓето изгледа не можат да се изнагледаат приказни кои вклучуваат живи мртви. Но, сите ние сме навикнати да гледаме зомби кои се, па да речеме, глупави. Тие немаат контрола над себе и сè што ги води во животот е нивната глад за живо човечко месо. Во оваа приказна, главниот лик, Лив (Роуз Мекајвер), е интелигентно зомби кое сепак може да го живее својот живот како човек. Или барем да се обидува…
Оваа ТВ серија е исто така базирана врз стрип со истото име. И како и секогаш, почетокот на приказната е очигледно клише. Во еден момент од нејзиниот живот, Лив имала сè што една жена би посакала. Таа е амбициозна во секое поле, успешна во својата кариера, има прекрасен свршеник и може да постигне буквално сè што ќе намисли. Но, по само неколку минути клишето се губи и се случува нешто неверојатно и досега невидено – една бизарна бродска несреќа целосно ќе го промени нејзиниот живот. Бродот ќе доживее несреќа и таа ќе биде единствената преживеана. Добро, таа не е баш жива, но не е ни мртва. Лив е зомби.
По трансформацијата таа се претворила во својата спротивност. Веќе не постои Лив чиј живот беше толку совршен. Таа ја изгуби својата амбиција, успех, свршеник, па дури и желбата за живот. Исто така, сакајќи да ги заштити другите од тоа што го има, целосно се изолирала од своите најблиски и работата во болницата ја заменила со работа во мртовечница.
Како зомби, Лив е постојано гладна и изгледа дека сè што може да ја задоволи нејзината глад, барем накратко, се мозоците на луѓето. Но, она што е најинтересно е дека откако таа ќе изеде нечиј мозок, потоа доживува еден вид „визии“ во кои гледа делови од животот на таа личност. Токму ова на некој начин ќе ѝ ја врати желбата за живеење. Таа ќе ја најде својата цел така што ќе открие дека со својата нова моќ може да помага при решавањето дури и на најмистериозните убиства. Лив со мала помош од нејзиниот соработник кој е единствениот кој ја знае нејзината тајна, ќе стане партнерка на детектив кој тие ќе го убедат дека е видовита… Во тој момент нејзиниот живот повторно ќе добие смисла.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.