Џиновската патека – неоткриена ирска убавина
Автор: Марија Смокварска
Природната симетрија е нешто што сме навикнале да го забележуваме кај цвеќињата, инсектите или тигровата глава, меѓутоа во геологијата, таа поретко се наоѓа, а кога ќе се појави, предизвикува чудење. Таков пример е Џиновската патека (Giant’s Causeway), предел во северниот дел на ирскиот брег. Тука природата на спектакуларен начин ја покажала својата математичка генијалност и создала десетици илјади повеќестрани столбови, набиени едни до други, како да се џиновски купчиња од моливи.Од далечина, оваа област изгледа како да е само еден дел од волшебниот брег на грофовијата Антрим, но одеднаш паѓа во очи необичниот коцкест ‘рт. Тој се простира од подножјето на стрмните карпи и постепено се спушта во морето како огромни, грубо изработени шини за извлекување бродови. За миг ќе останете збунети. Изгледа како компјутерска графика на некоја видео игра, но вистината е дека овој необичен каприц на природата е стар 60 милиони години.Базалтните столбови на Џиновската патека имаат пречник од 460 мм а висината им се движи и до 12 метри. Козвеј на најширокото место е широк 180 метри, се протега 150 метри во морето и содржи 40.000 столбови. Во текот на минатите милениуми, глечерската ерозија од леденото време, како и неуморното удирање на атлантските бранови постепено го обликувале Џајантс Козвеј, така што брановите многу често ги однесуваат горните делови од столбовите, па затоа имаат скалест изглед.Во прегратките на овие природни шестоаголници егзистираат огромен број животни и растенија од кои посебно интересни се црвените цевконоски (вид птица) кои локалното население често ги нарекува „дрвени крилја” поради вкочанетото држење што го имаат кога лебдат на ветрот.Слични базалтни творби има и на островот Стафа кој се наоѓа на западниот брег на Шкотска. Џиновската патека, всушност изгледа како пат што води од Ирска до Стафа, а така се создала и легендата според која го добила името. Џинот од таа приказна е големиот ирски митолошки јунак Фил МекКул (Finn MacCool), кој бил водич на група војници наречени Фијана. Според легендата, тој бил бестрашен херој кој го изградил овој пат поради љубов и верност. Забивал столб по столб, за да направи патека по која неговата сакана – женски џин, ќе може од островот Стафа да ја посети Ирска, а притоа да не ги натопи нозете. Нели е ова прекрасно? Прекрасно место за посета и дефинитивно прекрасна легенда за паметење.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Za Dzinovskata Pateka izgradena od bazaltna lava sum imal moznost i na televizija da pogledam,no ne i zalegendata.Za toa Vi blagodaram.Me interesira :kako moze bazaltnata lava da formira takvi sestoagolni formi i toa vo vertikala.Taa koga se izleva od vulkanite ,obicno,tece po kosa povrsina od kraterot po vulkansata kupa{konus} i bi trebalo da ima branovidni formi.Za vaka formiranire sestoagolni formi so dolzina od 1 do 2 metri se vistinsko cudo na prirodata.Za kristalografskite sistemi mozat poveke da kazat Hemicarite ili geolozite.BLAGODARAM!