Филм: Различна (Divergent)
Еден избор може да ве промени, но и целосно да ве уништи…
Режија: Нил Бургер
Улоги: Шејлин Вудли, Тео Џејмс, Кејт Винслент
Времетраење: 139 минути
Јазик: англиски
Премиера: 21 март 2014
Жанр: авантура, романса, научна фантастика
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Сонцето изгрева над разрушениот Чикаго од иднината. На површината може да се забележи стар и рѓосан брод кој изгледа како со години да е напуштен. Езерото Мичиген целосно е исушено. Малку понатаму можеме да забележиме луѓе кои се движат во групи, каде што секоја група има своја боја на облека. Некаков вид униформа, би помислиле.
По страшната војна, која го уништила поголемиот дел од светот, населението од оваа област било поделено на 5 фракции со цел да се зачува мирот: „Erudite“ или Учените чија доблест е интелигенцијата и логичното размислување, „Amity“ или Добродушните чија карактеристика е мирот и пријателството, „Candor“ или Искрените кои се непристрасни и секогаш го кажуваат искрено она што им е на умот, „Abnegation“ или Пожртвуваните чија главна доблест е несебичноста и помошта, како и „Dauntless“ или Бестрашните каде што одат оние кои се најхрабри. Секоја од овие фракции си има своја улога и место во општеството и нивните членови не се мешаат помеѓу себе. Оние кои не припаѓаат на ниту една група се Безфракциските, кои живеат како бездомници на улиците од Чикаго.
Сѐ започнува со денот на тестирањето, кога Беатрис ‘Трис’ Прајор (Шејлин Вудли) конечно ќе треба да открие во која фракција припаѓа. Еден по еден, сите помлади членови на фракциите се редат во колони за да го направат тестот кој ќе им каже која доблест владее во нивната душа, а со тоа и во која фракција треба да припаѓаат. Тестот е наменет за да покаже во која група тие припаѓаат, но тоа не значи дека тие мора да ја изберат токму таа. На крајот, изборот треба да го направи самата личност, а тестот да послужи само како насока…
Беатрис чии родители се од Пожртвуваните, уште од мала копнее за Бестрашните. Таа се плаши дека тестот ќе ѝ покаже дека припаѓа во Пожртвуваните, каде што таа воопшто не се чувствува слободно, но истовремено се плаши и дека ќе ѝ покаже дека припаѓа во друга фракција, па поради тоа ќе треба да одлучи дали да ги напушти своите родители. Но, она што никој не го очекуваше е дека нејзиниот тест ќе покаже нешто неверојатно и премногу ретко. Резултатите се неодредени. Таа не само што припаѓа на својата родена фракција, туку исто така и на Учените, како и на Бестрашните. Во тој момент таа открива дека е Различна, а токму оваа карактеристика може да ја чини живот. Токму затоа мора да одбере фракција во која ќе успее најмногу да се вклопи, а со тоа и да се заштити себеси и своите најблиски.
Многумина го споредуваат овој филм со „Hunger Games“, но и покрај тоа што можеби на одредени моменти необјасниво наликуваат, приказната е сосема различна и нема никакви допирни точки со него. Во секој случај ако ви се допаднал тој филм, со сигурност ќе уживате и во „Divergent“. Приказната е одлично изработена, со идеална доза на мистерија и акција кои ќе се погрижат да го изгледате овој филм во само еден здив. Но, она кое што остава најголем впечаток е хемијата која се чувствува помеѓу главните ликови, Шејлин Вудли и Тео Џејмс. На кратко, ова е еден од оние филмови кои можете да ги гледате и по 100 пати и повторно да ви бидат интересни…
Да, да, да! Одличен филм! Чиста 10-ка!
Се плашев, бидејќи е направен според прекрасна книга, дека ќе го изменат многу, како што е тоа обичај во последно време, но, сепак останаа доследни на изворната приказна, и филмот е навистина неверојатен, нема никаква врска со „Игрите на Гладните“ освен фактот дека обете дејствија се случуваат во далечната иднина, така што, ова е нешто кое има своја приказна и секој може да го гледа уживајќи во истото. 🙂
Целосно се согласувам за споредбата со „Hunger Games“. Приказната е комплетно различна, но ете луѓето си нашле некои сличности. Можеби поради поделбата на населението или пак, поради фактот што Шејлин физички малку наликува на Џенифер. Којзнае. Во секој случај дефинитивно станува збор за еден неверојатен филм… 🙂
Одамна ме нема воодушевено вака некој филм. Им го препорачувам на сите љубители на овој жанр! 🙂