Филм: Оној незгоден момент (That Awkward Moment)
Понекогаш тешко е да се избега од вистинска љубов…
Режија: Том Гормикан
Улоги: Зак Ефрон, Мајлс Телер, Мајкл Б. Џордан, Имоџен Путс, Мекензи Дејвис, Џесика Лукас
Времетраење: 94 минути
Јазик: англиски
Премиера: 31 јануари 2014
Жанр: комедија, романса
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Сите ние барем еднаш сме се нашле во оној клучен момент од врската кога се поставило прашањето: „Па, кон што води ова?“ Џејсон (Зак Ефрон) овој момент го нарекува „Па“, а тој се случува кога се донесува одлука дали врската ќе прекине или пак, ќе продолжи понатаму. Овој филм ја обработува токму таа тема. Преку врските на тројца најдобри пријатели, Џејсон, Даниел (Мајлс Телер) и Мајки (Мајкл Б. Џордан) на еден комичен и интересен начин можеме да видиме што точно им поминува во главите на момците кога тие ќе го достигнат овој незгоден момент.
Џејсон е еден типичен филмски плејбој. Тој одлично изгледа, шармантен е и има неколку броеви од девојки во својот мобилен кои би дошле во кое било време од денот за да имаат секс со него. Даниел е тимски играч. Тој во комбинација со неговата најдобра пријателка имаат развиено одлична тактика за запознавање нови личности од која и двајцата имаат корист. Од друга страна пак, Мајки е оној кој е одличен за долготрајни врски. Тој работи како доктор, се оженил со својата девојка од средно и на прв поглед изгледа како неговиот живот да е совршен.
Но, многу брзо работите ќе отидат во сосема непредвидливи насоки. Бидејќи сопругата на Мајки ќе побара развод од него, Џејсон и Даниел за да му помогнат ќе му ветат дека тие ќе направат сѐ што можат да останат сингл и во наредниов период заедно да надоместат за сите години во кои Мајки бил зафатен. Тројцата се согласуваат на овој договор и почнуваат да одат на забави кои траат до раните утрински часови каде што запознаваат прекрасни жени. Тие одредено време ќе се придржуваат до својот договор, но бидејќи животот секогаш знае да приредува неочекувани пресврти и предизвици, тројцата, секој на свој начин, многу брзо ќе дознаат дека понекогаш тешко е да се остане на другата страна од „Па“ моментот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.