Кој е најдобриот пријател на ова аутистично момче? Неговиот потресен одговор ќе ве растажи
Денес сѐ почесто се прават напори да се прифатат луѓето со невролошки нарушувања во општеството и постојано се организираат разни проекти од информативен карактер со цел да се подигне свеста кај народот. Оние, пак, кои страдаат од некое такво заболување се обидуваат да остварат значајни врски со луѓето и да водат што е можно понормален живот. Едно од тие заболувања е аутизмот кој најчесто се препознава како несоодветно реагирање на надворешните дразби.
11-годишното момче Кристофер Корнелиус е заболено од аутизам, но посетува обично училиште. Еден ден таткото на Кристофер, Боб, отишол во училиштето и ги разгледувал изработките на учениците закачени на ѕидот со надеж дека меѓу нив ќе најде некоја и од неговиот син. Станувало збор за прашалници во кои учениците пишувале која им е омилена храна, ТВ емисија, животно и кој им е најдобар пријател. Кога Боб го здогледал прашалникот на неговиот син, насмевката набрзо му исчезнала од лицето. На прашањето „Наведи ги твоите најдобри пријатели“, неговиот 11-годишен син одговорил со „Никој“.
Боб толку многу се вознемирил од одговорот што сликата од прашалникот ја објавил на Фејсбук и испратил моќна порака до сите луѓе кои имаат контакт со аутистични деца, како што е неговиот син Кристофер.
„Колку што знам, другарчињата на Кристофер од класот никогаш не се однесувале лошо со него. Но, затоа, пак, го отфрлиле. За да се промени нешто, треба да се почне од домашното воспитување. Родителите мораат да ги учат нивните деца да не ги исклучуваат оние кои се поинакви. Кристофер штотуку тргна во 5-то одделение и сѐ уште се навикнува. Навистина би сакал да стекне барем еден пријател. Тој не може да разговара за неговите чувства, ниту да се изрази како што треба. Но, и покрај тоа, тој страда кога другите го отфрлаат. Тој разбира многу повеќе отколку што изгледа. Единствен начин да се промени тоа е родителите да разговараат со нивните деца и да ги научат дека треба да ги прифаќаат другите луѓе“, напишал Боб.
Не можеме да ги обвинуваме децата за нивното однесување, бидејќи тие не разбираат зошто некои луѓе се поинакви од останатите. Родителите и наставниците имаат обврска да им ги доближат тие разлики, да им ги објаснат и да им ги претстават како нормални, за да можат полесно да ги прифатат. На тој начин, луѓето со аутизам и други невролошки заболувања би можеле многу полесно да се интегрираат во општеството и да живеат исполнет живот без предрасуди.