Збогум

Збогум

– Си одам.

– Каде?

– Некаде далеку.

– Ме оставаш?

– Не сакам…

– Епа зошто тогаш го правиш тоа?

– Морам. Нема иднина тука за мене.

– А јас што сум? Нели требаше твојата и мојата иднина да станат едно?

Збогум

– Тоа беа детски соништа.

– Имаш некоја друга?

– Не тропај глупости.

– Не ме сакаш повеќе?

– Не се работи за тоа… (молк) Види… Јас не можам да останам тука. Се гушам. Монотонијата ме убива. Тапкам во место. Не го замислував мојот живот вака на 25 години. Мислев дека ќе стане човек од мене. Јас сум никој и ништо. Не сум реализиран. А времето тече. Верувај дека се обидував и тука да створам нешто, да направам нешто значајно. За мене. За нас. Но, не оди. Морам да преземам нешто.

– (се обидува да ги задржи солзите, со треперлив глас) Мислиш дека ова е фер спрема мене?

– (ладно) Не сакав вака да испадне… Знаеш дека премногу ми значиш. Но, на крајот на краиштата не сме толку долго заедно за да го сфатиме ова трагично. Не смееме да ги заборавиме нашите цели и соништа само затоа што сме се заљубиле.

– Ќе се вратиш?

– Кога ќе успеам во нешто, ќе се вратам. И ќе те побарам.

– А до тогаш?

– До тогаш секој по свој пат.

– (низ солзи) Ќе те чекам! Ти ветувам дека ќе те чекам! Нема да погледнам во друг. Нема да дозволам моето срце да затрепери поради нечиј туѓ поглед. Само тебе ќе те чувам во мислите. Ти ветувам. Верувај ми!

– (се насмевнува и ја прегрнува цврсто) Глумице моја. Вистински ли се солзиве?

– Само јас си знам колку се вистински…

– (виновно) Јас ти верувам, но јас не можам да ти го ветам истото. Не можам да ти ветам дека во мене ќе тлеат истите чувства што се дел од мене сега. Не можам да знам. Не можам да ветам.

– Не си сигурен во твоите чувства?

– Сигурен сум сега. Но, до тогаш… Којзнае.

– А добро зошто тогаш не можеме да бидеме заедно сè до последниот ден? После оди и ако сакаш не се враќај. Но, да останеме заедно до самиот крај!

– После ќе биде потешко… Побезболно е ако ставиме крај сега.

Збогум

– (со ентузијазам) Но, еве претстави си вака: Ако дознаеш дека ти останува уште една недела живот, ќе одлучиш да се затвориш и сам да ја дочекаш смртта за да не биде после потешко, или, пак, ќе гледаш таа една единствена недела да ја поминеш со сите луѓе што ги сакаш?

– Во право си… Ама ова не е прашање на живот или смрт. Јас ќе се вратам и ќе те побарам.

– А ако си најдам некој друг?

– Ако си решила да најдеш, ќе најдеш.

– Нема да ти биде криво?

– Секако дека ќе ми биде. Ќе сакам да го убијам.

– И ти си спремен да ризикуваш да ме изгубиш мене, само затоа што не знаеш дали уште ќе ме сакаш на истиот начин после извесен период?

– Таков е животот. Нема добивка без ризик.

– Нема да имам проблем да си најдам друг. Знаеш, нели?

– Ако сакаш да си најдеш, ќе најдеш. Прекрасна си.

– (остро) Кога да ти ја вратам кошулата?

– Не ми ја враќај. Ќе ми треба изговор да те побарам, кога ќе се вратам.

– Баш си ти итар. (молк) Сигурен си за ова? (последната солза се спушта по нејзиното лице)

– Мора да биде вака. Долго размислував. Нема друг начин.

– Се надевам дека не грешиш. Збогум.

– Те сакам и ќе те сакам…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар