Глупав, дебел, неспособен: Зошто имаме потреба да ги етикетираме луѓето?
Кога се раѓаме, сите сме чисти, слатки, мирни, спокојни. Но, таа еднаквост трае кратко. Набрзо, некои стануваат бесни, други зборлести, трети повлечени. Потоа стануваме бубалици, бељаџии или вообразени. Уште од најмала возраст сме осудени на етикетирање, па затоа воопшто не е чудно што тоа продолжуваме да го искусуваме во текот на целиот живот, а и самите да го практикуваме врз други. Но, зошто го правиме тоа?
Разумниот одговор би бил дека етикетирањето е неопходно за комуникација. Потребно ни е да ги категоризираме луѓето во групи и според тоа да ги градиме нашите врски со нив. Ова ни помага да се доближиме и длабоко да се поврземе со луѓето кои се слични на нас, и истовремено да се тргнеме настрана од луѓето кои не ни одговараат. Но покрај ова, многупати закачуваме етикети само колку да го направиме тоа, без да има потреба да ги сместиме луѓето во некоја група, а тоа влијае на нив повеќе отколку што мислиме.
Етикетите се исклучително индивидуални. Она што за еден човек е глупаво, за друг може да е урнебесно. За некој убава е личноста со беспрекорни заби, за друг онаа која има смело држење на телото. Дури и кога ќе кажеме за некој дека е тврдоглав, можеби мислиме на неговата непобедлива упорност, додека други ќе го употребат истиот збор за да опишат негативна карактеристика. Кога им ставаме етикети на луѓето со цел да ги опишеме, всушност само ја опишуваме нашата перцепција за тие личности. Се сеќавам на средношколските денови, на еден посебно возбудлив ден кога се подготвуваме за изведба на школската театарска претстава во која учествував. Ме шминкаше една девојка која ми рече дека имам многу мазно лице. Всушност, беше фасцинирана од мојата кожа и целиот разговор ни беше околу тоа. Нешто подоцна, еден дечко ме праша зошто сум толку „бубуљичава“. За среќа, перцепцијата за моето лице претходно ми ја оформи друга личност. Ѝ благодарам.
Етикетите се моментални. Никој од нас не е имун на промени. Сите секојдневно по малку се менуваме. Се развиваме, созреваме, па грешиме и тонеме во очај за повторно да се издигнеме. Во тој процес, она што сме денес, утре веќе не сме, а за една година можеби повторно ќе бидеме. Ова се однесува како на внатрешните карактеристики, така и на надворешниот изглед. Можеби не можеме да си додадеме висина, но можеме да ослабеме, да се здебелиме, да се дотераме. Не можеме ниту од корен да си го промениме карактерот, но можеме да делуваме на нашето однесување. Ако денес сме немотивирани, мрзеливи или неуспешни, утре ќе бидеме упорни, трудољубиви и успешни. Зошто тогаш да ги дефинираме луѓето со зборчиња кои опишуваат само некоја моментална состојба или карактеристика? Дали имаме некаква реална корист од тоа?
Етикетите ги пренагласуваат карактеристиките. Ако некого наречете дебел, тоа само ќе направи тој да се доживува подебел одошто е. Кога некој за вас е глупав, тој ќе се чувствува поглупав како резултат на тоа што вие го доживувате така. Ставајќи етикета на некого, ние нагласуваме една негова карактеристика и почнуваме да ја доживуваме личноста врз основа на тој еден збор. Колегата на работа изгледа непродуктивен и тоа е причина да го дефинираме како таков и да го критикуваме на состаноците или за време на паузите. Но, тој е истовремено и изразито колегијален, дружељубив, го подига расположението и им дава мотивација на другите луѓе. Тој е невидливата алка што го држи синџирот. Сепак, не ни текнало да го доживееме како клучен за успехот на тимот, бидејќи тој е непродуктивен и сработува најмалку од сите. Дефинирајќи ги луѓето со еден збор во негативна конотација, забораваме дека тие се многу повеќе од тоа, и им отежнуваме на нив самите да ја променат таа карактеристика кај себе. Дури и личноста дотогаш да не се доживувала себеси на тој начин, кога другите ќе ѝ залепат таква етикета, таа може да почне да мисли, да се чувствува и да се однесува така. Доколку сакаме да видиме позитивни промени кај луѓето, треба да користиме позитивни етикети. Така ќе ги мотивираме да се трудат да бидат доследни на она што другите го гледаат кај нив.
Етикетите ги ставаат луѓето во кутии. Етикетите ограничуваат. Опишуваат само еден дел од личноста, кој може да е моментален, пренагласен и субјективен. Додека растев, помеѓу тинејџерите беше нормална поделбата на кремци и рокери. Запознаваш нова личност и скоро задолжително следи прашањето дали си „крем“ или „рок“. Тоа автоматски те дефинира како се облекуваш, каква музика слушаш, каде излегуваш и дали си кул или си аутсајдер. Нормално, не можеш да се дружиш со некој од другата страна зашто едноставно припаѓате на два различни света. Колку минлива работа! Оние од „кремот“ набрзо почнаа да излегуваат на рок свирки, а рокерите да носат светли бои и спастрени фризури. Кога им поставуваме етикети на луѓето, ние правиме претпоставки за нив. Тие претпоставки ни оневозможуваат вистински да ја запознаеме личноста, а тоа понатаму води до предрасуди, пристрасност и ограничени погледи. Луѓето се многу повеќе од еден збор, тие се многу повеќе и од збир од зборови.
Етикетите нѐ разликуваат, но и нѐ разделуваат. Етикетите постојат за да ни помогнат да го организираме светот околу нас. Ни овозможуваат да дознаеме каде припаѓаме, од што сме дел, со кои луѓе делиме слични карактеристики, вредности и ставови. Од друга страна, различните карактеристики вештачки нѐ разделуваат од луѓето со кои можеби имаме потенцијал меѓусебно да си го направиме животот подобар, поисполнет и побогат… Хомофобот ќе избега од личност која штотуку ја запознал затоа што е геј, а можеби тоа пријателство еден ден би му го спасило животот. Разликите помеѓу нас не создаваат конфликт на интереси, тие се само разлики во животниот стил, убедувањата и начинот на однесување. Доколку не ги потенцираме со етикети, можеби би сфатиле дека сме послични еден на друг одошто мислиме.
Жена, мајка, сопруга, ќерка, претприемач, уредник, колумнист, колешка, другарка… Има толку многу етикети што ме опишуваат. Сакам луѓето да ме дефинираат со етикети кои се силни и трајни и притоа да не забораваат дека сите тие се само мал процент од она што сум јас. Единствената етикета што ја прифаќам е моето име. Јас сум јас и сум 100% само човек. Само затоа што и некој друг е уредник на медиум не значи дека водиме иста уредувачка политика, само затоа што сме другарки, не значи дека мора да се облекуваме исто, само затоа што си мајка, не значи дека ќе се согласуваме. Можеме да си бидеме одлично друштво со луѓе кои се по некоја карактеристика различни од нас – имаат друга сексуална ориентација, поинакви политички погледи, припаѓаат на друга религија или етничка заедница. Сѐ што треба е да ги оставиме етикетите на облеката и теглите за да им пристапуваме на другите само и само како на ЛУЃЕ.
Пишува: Ирина Мицов