4 индиски правила кои ќе ви помогнат да го прифатите животот каков што е
Сонцето изгрева и заоѓа секој ден. Брановите доаѓаат и си одат. Сѐ тече, сѐ се менува. Исто како и нашиот живот. Се менува времето, местото, луѓето доаѓаат и си одат… Се менуваме и ние, нашиот начин на размислување, ставови и вредности. Сигурно сте се запрашале дали сѐ тоа има смисла. Дали сте ја донеле вистинската одлука, дали работите би биле поинакви да не запознаевте одредена личност, што би било кога би било… Не е лесно да се прифати животот таков каков што е. Постојано се обидуваме да ги одбегнеме грешките. Даваме сѐ од себе да бидеме добри пријатели, добри партнери, родители, синови и ќерки. Но, тоа не ни оди секогаш од рака. Следниве 4 животни принципи потекнуваат од Индија и ќе ви помогнат да се ослободите од притисокот што го чувствувате и целосно да ги прифатите работите што ви се случуваат…
1. Личноста која ќе се појави е вистинската личност
Сигурно сте се запрашале барем еднаш во животот: „Како воопшто се најдов во оваа врска?“, „Што правам со овој човек?“, „ Што сакаат тие од мене?“, „Како можев повторно да испаднам толку глупава?“. Важно е да запаметите дека никој не доаѓа случајно во нашиот живот. Сите луѓе ги среќаваме поради одредена цел: Да доживееме некое искуство, да научиме лекција, да оствариме контакт, да се почувствуваме живи. Како што сламките пловат на речната површина, така и ние се среќаваме, пловиме некое време заедно и секогаш се разделуваме на крајот. Природата на овој свет е минлива и полна со илузии.
Затоа, кога ќе забележите дека се осудувате себеси, или, пак ги обвинувате другите за тоа што се чувствувате повредени, престанете за момент и поставете си го следново прашање: „Што треба да научам од оваа средба?“.
2. Она што се случило е единственото нешто што можело да се случи
Понекогаш навистина се измачуваме себеси со следниве мисли: „Да можев да го направам тоа…“, „Требаше да сфатам на време што се случува…“ и слично. Вистината е дека ништо што ни се случило во животот не можело да биде поинакво. И најмалата ситница се случува токму онака како што требала да се случи за да можеме да ја научиме лекцијата и да продолжиме понатаму. Животот е совршен и е таков каков што е со причина. Тоа им е особено познато на луѓето кои поминале низ многу тешки периоди во животот и ги преживеале. По секои животни потешкотии, ние се менуваме како личности, созреваме и учиме да го цениме животот.
3. Ништо не се случува ниту порано ниту подоцна од моментот кога требало да се случи
А кога е тоа? Токму тогаш кога сме подготвени. Кога сме подготвени да се случи нешто, тогаш тоа и се случува. Целото тоа нетрпение предизвикува силен внатрешен притисок. Стануваме опседнати со она што ќе го речат другите, ако не направиме нешто тогаш кога сите го прават тоа, без разлика дали се работи за основање семејство, завршување факултет, стапување во брак или создавање успешна кариера. Понекогаш ни е јасно дека треба да промениме некои работи, но не знаеме како, кога и каде. Знаеме дека треба да бидеме поинакви, но немаме сила да се помрднеме напред.
Треба да го преживееме сето она што доаѓа пред помрднувањето, да се соочиме со целата наша несигурност, немоќ, чувство на безвредност, незнаење… Но, не грижете се. Работите ќе се случат токму тогаш кога ќе дојде вистинското време и одењето напред може да испадне многу полесно отколку што сте замислувале. Почекајте го вашиот момент и тој ќе дојде. Во универзумот не постои стагнација, а веројатноста е дека ниту вие не сте исклучок од тој закон.
4. Кога нешто ќе заврши, завршено е
Многумина од нас имаат потешкотии со овој принцип. Загубата на некого или нешто, процесот на жалење, а потоа продолжувањето понатаму во животот е тежок пат. Порано или подоцна сите ние ќе мораме да се соочиме со некаков крај во нашиот живот. Денот има свој крај, исто како и ноќта. Дождот и сончевото време исто имаат свој крај. Сѐ во животот има свој почеток и крај, исто како и болката која настанува како последица од загубата. Светот е создаден да функционира на тој начин. Кога нешто ќе заврши, тоа значи дека му дошло времето да заврши. Ни порано, ни подоцна.
Некои од вас можеби ќе помислат: „Ако ги прифатам сите овие работи, тоа значи дека се откажувам, дека се предавам и дека ништо нема да променам. Ако сум во депресија, имам проблеми со анксиозноста и слично, тоа значи дека ја прифаќам таа состојба и само повеќе ќе потонам“.
Но, тоа не е баш така. Поентата на животот не е да бидеме цело време среќни или тажни. Животот се состои од сите искуства кои ги доживуваме, од сите луѓе кои ги среќаваме и губиме, од сите солзи што ги пролеваме и насмевки што ги подаруваме. Најважно е свесно да минуваме низ животот и да го живееме во целост. Прифаќањето на работите ни дава енергија и мир. Еднаш кога ќе ги прифатиме работите, кога ќе ги почувствуваме како дел од нас, тоа на некој чуден начин ќе ни даде сила да истраеме и да се претвориме во најдобрата верзија од себе.
Постои разлика помеѓу тоа какви сме се родиле и зошто сме се родиле. Нашиот живот започнува со раѓањето, кога сме се родиле во одредено семејство и во одредени околности. На нас останува да откриеме зошто сме родени. А тоа ќе го дознаеме кога ќе бидеме подготвени, во свое време и на свој начин. Ние треба само да бидеме љубопитни.