Љубовта е слепа, а еве и зошто!

Љубовта е слепа, а еве и зошто!

Ова е една поучна приказна која ќе ви објасни зошто всушност љубовта е слепа.

ljubovta-e-slepa-a-eve-i-zoshto-kafepauza.mk

Еднаш, многу одамна, сите човечки квалитети се нашле на едно скриено место на Земјата. Кога досадата зевнала по трет пат, лудоста предложила: „Ајде да играме криенка! Кој најдобро ќе се скрие е победник меѓу чувствата.“

Интригата ја подигнала десната веѓа, а љубопитноста не можејќи да премолчи прашала: „Криенка? Каква е таа игра?“

„Тоа е една игра“, почнала да објаснува лудоста, „во која со покриени очи јас ќе бројам до милион, додека сите вие се сокривате. Кога ќе завршам со броење, тргнувам во потрага и кого нема да успеам да пронајдам, тој е победник.“

Ентузијазмот заплескал со рацете, бил воодушевен. Среќата толку скокала од радост што успеала да ги натера и сомнежот и апатијата да играат, кои инаку никогаш ништо не ги интересирало. Но, не сакале сите да играат. Вистината била против криење, бидејќи и онака на крајот сите би ја откриле.

Гордоста мислела дека тоа е глупава идеја, иако всушност се туфкала што нејзе не ѝ текнало да ја предложи играта. Внимателноста не сакала да ризикува.

„Еден, два, три…“, почнала да брои лудоста. Прва се сокрила мрзливоста, која како и секогаш само се фрлила зад првиот камен на патот. Верата се искачила на небото, зависта се сокрила зад сенката на успехот, кој пак со мачење се искачил на врвот на највисокото дрво.

Великодушноста никако не можела да одлучи каде да се скрие, бидејќи секое место ѝ изгледало совршено за некој од нејзините пријатели. Убавината скокнала во кристално чистото езеро, а срамежливоста се воврела во едно распукано дрво.

Красотата си нашла место во летот на една пеперутка, а слободата во ветрот. Себичноста нашла скривалиште, но само за себе. Лагата се скрила на дното на океанот (лаже, на крајот на виножитото), а похотата и страста во кратерот на еден вулкан. Заборавот заборавил да се скрие, но не е важно.

Кога лудоста избројала до 999.999, љубовта сè уште немала најдено место за криење, бидејќи сè било зафатено. Здогледувајќи една градина со трендафили, скокнала, прекривајќи се со убави пупки. „Милион“, извикала лудоста и започнала да бара.

Прва ја пронашла мрзливоста зад најблискиот камен. Набрзо ја чула верата како дискутира за теологија со Бога, а страста и похотата скокнале од кратерот од страв. Случајно тука се нашла и зависта, и секако успехот, а себичноста не требала ни да ја бара – сама излетала од своето совршено скривалиште кое всушност било пчелина кошница.

Од толку барање, лудоста ожеднела, па така во кристално чистото езеро ја пронашла убавината. Со сомнежот ѝ било уште полесно, бидејќи тој не можел да се одлучи за место, па останал да седи на еден близок камен. Така лудоста, малку по малку ги нашла скоро сите.

Талентот во клас со жито, тешкотијата во изгорена трева, лагата на крајот на виножитото (лаже, била на дното на океанот), а заборавот заборавил дека воопшто нешто играат. Само љубовта не можела нигде да ја пронајде.

Ја пребарала секоја грмушка и секој врв на планината и кога веќе била бесна ги здогледала трендафилите. Влегла меѓу нив, фатила суви гранки од бес и со изнемоштеност почнала да удира по прекрасните пупки. Одеднаш се слушнал болен крик. Со трњето на трендафилите ѝ ги изгребала очите на љубовта. Го пронашла победникот, чувството над чувствата, но љубовта постанала слепа.

Плачела и ја молела љубовта да ѝ прости и најпосле одлучила да остане засекогаш покрај неа и да ѝ помага. Така љубовта испаднала победник над чувствата, но останала слепа, а лудоста продолжила да ја следи каде и да оди.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар