Зошто новите генерации не знаат да сакаат?
Колку пати ви се случило да се запрашате што се случува со новите генерации? Системот на вредности е потполно сменет, постои едно општо непочитување и несогласување со авторитетите, а за љубов и за значењето на љубовта да не зборуваме. Се чини дека ситуацијата со текот на годините е сè полоша, па се поставува прашањето: Дали младите се тотално неспособно и неспремни да сакаат? За жал, сè води кон тоа дека тоа е така. Кои би можело да се причините за ваквата емоционална состојба на младите?
Пред сè станува збор за генерација која е израсната во „инстант култура“. Сè е достапно и сè е на дофат на младите. Сè брзо застарува, и сè брзо досадува, па младите трагаат по нешто ново, бидејќи така се научени. Така и љубовта ја губи својата вредност, бидејќи таа не доаѓа преку ноќ, ниту пак се појавува со првиот бакнеж, а за нешто поголемо да не зборуваме.
Од друга страна пак, општ впечаток е дека денес младите утеха бараат во дрогата и алкохолот. Иако може да се каже дека ова вака било и претходно, но се зборувало многу помалку за тоа. Денес состојбата е алармантна, па не се знае на која група треба да ѝ се обрне повеќе внимание – на момците или на девојките.
Опивањето стана тренд без кој не може да се има добро излегување, а вредностите на луѓето се мерат според тоа колку можат да испијат. Сè се сведува на тоа како ве гледаат останатите, каква слика градат за вас и колку сериозно ве сфаќаат. Денес, девојки од 14 и 15 години се фалат со бројот на сексуални партнери. Се губи време на врски без обврски, на луѓе кои прават да се чувствувате осамено, на пријателства кои не водат никаде. А љубов? Никој не прашува за тоа.
Иако егоцентризмот е нормален во некоја доба од растењето, кај денешните млади тој е главна карактеристика. Најважно е тие да се задоволни, а за другите никому не му е грижа.
Љубовта стана натпревар, но не натпревар во кој ќе се натпреваруваат кој на пооригинален начин ќе заведе некого, туку кој ќе има поголем број партнери. Такво ривалство отсекогаш постоело помеѓу мажите и тоа беше во ред, но денес се претвори во апсурд кој е загрижувачки.
Компромиси веќе не постојат ниту во секојдневниот живот, ниту во врските – или ќе биде како што мене ми одговара или никако! И така доаѓаме до бракови кои се распаѓаат веднаш после првата кавга, врските се прекинуваат поради некој безначаен поглед, а на крај и едната и другата страна се крајно разочарани, и своите фрустрации ги лечат на најлош можен начин.
Ова води до главниот проблем кој постои денес – сите бараат совршенство, а и самите тие не се совршени. Имаат бајка во својата глава, го замислуваат својот идеален партнер, бараат „влакно во јајцето“, а на крај кога ќе го пронајдат, наоѓаат разочарување во себе и во љубовта. Затоа ќе чуете многупати дека тие се неспособни да сакаат некого, или пак дека другите се неспособни да ги сакаат нив, и сè ова е еден магичен круг од кој нема излез.
Мора да имаме рационален став спрема сè, па и во љубовта. Мора да научиме да ги почитуваме луѓето. Мора да престанеме да бараме партнер кој ќе го проценуваме само по неговите маани. Мора да научиме дека љубовта е компромис, дека таа не се случува преку ноќ, туку за неа е потребно време. Партнерот не треба да ни биде крив за сè, туку некој со кого ќе доживееме незаборавни, но и некои од најтешките моменти во животот.