Зошто нозете отекуваат на високите летни температури и како да ја спречите оваа непријатна состојба?
Многумина едвај чекаат да дојде летото за да ги ослободат стапалата од оковите на затворените чевли, но неретко зажалуваат кога им отекуваат и се пробиваат низ ремените на сандалите. Но зошто се случува ова? Одговорот се крие во премалку внесени течности.
Имено, концентрацијата на соли во организмот расте поради дехидрација, што го форсира телото да го задржува и она мало количество вода што му го давате и сето тоа резултира со отекување. Жештината исто така предизвикува и ширење на крвните садови, што предизвикува дополнително проширување на течноста во одредени делови на телото. Претераното одење, седење или стоење на едно место подолго време ѝ дозволува на гравитацијата да ја спушти телесната течност во зглобовите и стапалата, притоа предизвикувајќи непријатни чувства.
На телото му е потребна сол, но храната што ја јадеме содржи доволна количина и со дополнителното насолување можете само да претерате. Освен за стапалата, претераното внесување сол не е добро ни за високиот крвен притисок, што може да предизвика срцев или мозочен удар, особено за време на летните месеци.
Ако можете, избегнувајте ги по секоја цена солените кикирики, переци, чипс и преработената храна. Исто така и житарките за појадок содржат високо ниво сол, а воопшто не треба ни да ги спомнуваме газираните пијалаци и минералната вода.
Во продолжение прочитајте како да се справите со овој непријатен проблем:
- Пијте многу вода и избегнувајте сол
- Секогаш кога имате можност, шетајте
- Ако работата не ви дозволува движење, одвреме-навреме протегнете ги нозете, особено стапалата, за да ја поттикнете циркулацијата
- Кога сте дома, лежете со нозете подигнати над нивото на срцето, а на стапалата поставете мокри или студени пешкири
- Се препорачува и масажа на стапала со лосион што има ефект на разладување
Прочитајте и за овие 5 навики поради кои вашите нозе изгледаат лошо.