Зошто е препорачливо да ги научите децата да се соочуваат со разочарување од мали нозе?
Многу родители денес прават сè што е во нивна моќ да придонесат за успехот на нивните деца во сите активности, со цел никогаш, ама баш никогаш да не го почувствуваат вкусот на поразот и разочарувањето. Тие се обидуваат максимално да ги заштитат децата од тага, фрустрација, скршено срце и која било друга психичка и емотивна болка низ која самите поминале додека биле на нивна возраст. Прашањето што се поставува во овој случај е: дали воспитувањето на овој начин е добар за самите деца?
Експертите не се многу сигурни во тоа. Според нив, пожелно е на децата уште од најрана возраст да им се стави до знаење дека во животот не може да биде сè онака како што тие посакуваат. На тој начин, тие ќе бидат подготвени за реалниот свет надвор од семејниот дом. Постојат премногу примери на навидум емотивно стабилни луѓе во доцната адолесценција (од 18 до 25 години) кои кога за првпат ќе ги воочат негативните последици од своите одлуки или од лошиот сплет на околности, а веќе ги нема зад нив родителите да го прифатат ударот наместо нив, се соочуваат со нарушено ментално здравје. Притоа, тие не можат да се соочат со проблемот, туку паничат, очајуваат, паѓаат во депресија и стануваат носталгични за своето детство. Што треба да направат родителите за да го избегнат ова сценарио?
Родителите не се обврзани постојано да ги забавуваат своите деца
Родителите треба да ја обезбедат својата безусловна љубов и основните материјални услови за раст и развој на детето. Секако, нивните задачи не завршуваат тука. Родителите се оние кои треба да го поминуваат времето во игра со своите деца уште од најрана возраст и да организираат разни активности за нив. Сепак, треба да внимаваат да не претераат, бидејќи во тој случај децата стануваат пасивни и очекуваат другите да им обезбедат забава. Така, тие немаат можност да искусат здодевност или недостаток на идеи, па во зрелоста тоа може да се манифестира со недостаток на креативност и иницијатива.
Научете ги децата самите да ги контролираат своите чувства
Децата мора да научат дека нема секогаш некој друг да биде до нив за да ги утеши. Тие самите треба да научат дали претеруваат или не со својата емотивна реакција, и следствено, подобро да ги контролираат своите чувства. Не се сите деца подеднакво успешни во тоа бидејќи имаат различен карактер, но овој метод сигурно ќе им помогне да бидат поподготвени следниот пат кога ќе доживеат неповолен исход од некоја нивна намера.
Дозволете им да се почувствуваат разочарани
Како и сите луѓе, така и децата чувствуваат разочараност кога нешто не оди според нивниот план. Разочарувањата, сепак, се составен дел од животот низ кој поминуваме сите. Ако се третираат правилно, поразите можат да послужат како поука за иднината поради што децата не треба да бидат лишени од ваквите искуства. Дури и ако нивните реакции се драматични, подобро е да ги оставите самите да научат како да ги надминат таквите емоции опкружени со топлината на домот, отколку да мора да се справат со нив за првпат во некоја нова средина.
Откако дознавте зошто е пожелно да ги научите децата да се соочуваат со разочарување, ви препорачуваме да прочитате и дали е добро да ги заспивате вашите деца лежејќи покрај нив.