Во што е тајната на харизмата?
Некои личности едноставно се предодредени да бидат харизматични. Но, тоа не значи дека не можете да научите како да бидете најхаризматичната личност во друштвото. Според Оливија Фокс, автор на делото „Митот за харизмата: Како да ја усовршите уметноста на личната привлечност?“, харизмата е резултат на специфично невербално однесување. Затоа еве неколку совети кои ќе ви помогнат да станете похаризматични.
Бидете исправени
Спречете го подгрбувањето на тој начин што ќе стоите или ќе седите исправено. Подгрбавените луѓе изгледаат мали и затворени. Наместо тоа, исправете се така што ќе ги зафрлите рамењата наназад. Истражувањата велат дека овој познат „суперхеројски став“ го намалува кортизолот (хормон на стресот), а го зголемува количеството на тестостеронот, хормон кој се поврзува со моќта и силата.
Истакнете се
Еве неколку практични совети кои ќе ја зголемат вашата харизма при конверзација. Намалете ја интонацијата на гласот на крајот од реченицата. Зборувајте полека, повремено кимнувајте со главата и почекајте две секунди пред да одговорите. Не заборавајте да се насмевнете додека зборувате затоа што така звучите пољубезно.
Слушајте
Внимателно слушајте кога некој зборува. На тој начин покажувате дека сте навистина присутни и дека сте заинтересирани за она за што се зборува. За да ја подобрите вештината на внимателно слушање, секојдневно практикувајте медитација. Денес сè помалку луѓе знаат да слушаат внимателно, па затоа дури и минималниот труд може да направи голема разлика.
Воспоставете контакт со очите
Контактот со очите е многу важна компонента на харизмата. Присутноста не се покажува само со внимателно слушање, туку и со воспоставување контакт со очите. Се препорачува контактот со очите да трае најмногу три секунди по завршувањето на разговорот. Но, бидете внимателни! Вашиот поглед не треба да биде студен и напнат, туку топол и опуштен.
Копирајте
Луѓето се чувствуваат најпријатно кога се во присуство на оние кои се слични на нив. Ваквата сличност се однесува и на изгледот, но и на однесувањето. Затоа имитирајте го туѓиот говор на телото. Тоа ќе предизвика чувство на доверба.
Бидете ранливи
Да се биде харизматичен не значи да се биде постојано силен и наметлив. Откривањето на некоја ваша слабост или споделувањето на некоја засрамувачка случка може да поттикне чувството на поврзаност помеѓу вас и другите. Сè на сè, луѓето сакаат тајни.
Имајте визија
Ако се чувствувате нервозни во одредена ситуација, обидете се да си замислите дека прегрнувате некој кој многу го сакате. Истражувањата покажале дека фантазирањето за топла прегратка ослободува поголемо количество на окситоцин (невропептид кој го спречува стресот).