Спортувањето и животните лекции кои произлегуваат од него
Автор: Александар Николовски – Киндер
Сите знаеме дека спортот е најдобар начин за одржување на физичката кондиција, за правилен развој (посебно ако се спортува од рана возраст) и е фактор за подобро здравје кај луѓето. Меѓутоа, спортот доста влијае и на менталното здравје кај луѓето.
Отсекогаш сум спортувал (аматерски) и најмногу сум играл тимски спортови (фудбал, баскет). Но, во последниве неколку години почнав да практикувам индивидуални спортови (возење велосипед, трчање и тенис). Бидејќи за првпат подолго практикувам индивидуален од тимски спорт ги забележувам разликите. Во тимскиот спорт може да победите и ако играте слабо тој ден, додека во индивидуалниот спорт сè зависи од самите нас. Успехот/неуспехот зависи од нашата посветеност, амбиција, вештини. Покрај бенефициите од спортот, како редуцирање на стрес, подобро здравје, подобро расположение, подобна концентрација, натпреварувањето сам со себе ми овозможи да научам доста работи за самиот себе, но и неколку животни лекции кои би ги споделил со вас:
Треба да почнете и да бидете конзистентни
Како и за многу други работи, за да има успех треба да се почне. Почетокот е секогаш тежок, но треба да се буткате сами себе да има континуитет. Колку повеќе вежбаме стануваме подобри. Најтешко е да се натераш сам да почнеш – тоа е и предноста на тимскиот спорт, има други кои ќе те „набуцкаат“…
„Осумдесет проценти од успехот е да се појавиш.“ – Вуди Ален
Мора да истрпите болка за да бидете подобри
Кога почнав да возам велосипед не можев да возам многу на прав пат, а камоли да се качувам по угорници. Имав болки во нозете, но издржував и секое наредно возење можев да издржам подолго и понапорно. Кога почнуваме нешто ново нормално е да се судриме со проблеми, но тие треба да се издржат, да се научи од препреките и да се обидуваме повторно и повторно. Ако не излеземе од комфорната зона нема никогаш да успееме.
Бидете позитивни за да напредувате
Кога вежбате, за да напредувате треба да се самомотивирате, бидејќи никој друг нема да го прави тоа (за разлика од тимскиот спорт). Треба да се биде позитивен во тој разговор сам со себе за да се издржи и да се оствари целта. Самомотивацијата на тој начин е лекција која помага во сите сфери од животот. Идејата е да бидете позитивни и да се мотивирате, тогаш кога не се чувствувате убаво, позитивно и мотивирано за акција и за вежбање. Ако успеете да го победите тој момент, тогаш вие сте на правиот пат на самоменаџирање.
Ако стане напорно, не застанувајте
Најчесто кога сум мислел дека веќе не можам (да трчам, возам) и треба да застанам, тоа било грешка, се работи за моментална криза. Треба да се издржи и да се надмине кризата. Може да се забави, да се намали темпото, но не треба да се откажеме пред да стигнеме до замислената цел. Секоја промена, секоја акција, нов проект, на почеток секогаш е тежок. Но не смее да се откажеме на првата бариера, туку да најдеме волја и да издржиме до крај. Колку и да се гледа тешко или непотребно, или глупаво, на крајот, направете го тоа за вас самите. Да видите од што сте направени.
„Не е важно колку бавно одиш сѐ додека не застануваш.“ – Конфучие
Спортувајте (работете, дружете се) со подобри од вас
За да имате напредок во некоја работа, треба да го правите тоа со подобри од вас. Од луѓето кои знаат повеќе за тоа може да се научи, тие може да ви ги покажат тајните кои ги научиле преку практична работа. Не треба да се гледаат овие луѓе како конкуренција (колеги) или како да нема вредност тоа што ќе ти го кажат (менаџер) или поради предрасуди и давање на преголема вредност на себе, да не послушаме некој наш близок пријател, фамилија итн. „Крадете“ од сите.
Уживајте во патот
Не треба да бидеме среќни само кога ќе заврши активноста и кога ќе ја оствариме дадената цел. Така е и во животот. Треба да се ужива додека ја правиме активноста, да не се молиме и одвај да чекаме да заврши. Така, нема долго да го правиме тоа бидејќи не се забавуваме. Успехот во што било е кога се забавуваме во тоа што го правиме. Тоа значи, треба да одбереме нешто во кое уживаме и да го правиме тоа.
„Единствениот начин да бидеш добар во работата е да го сакаш тоа што го работиш.“ – Стив Џобс
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.