Совети за одгледување собни растенија – Дрво на животот
Дрвото на животот е елегантна билка со преубави, меки листови. Тие можат да бидат еднобојни, но најчесто се пругасти (Dracena Derеmensis). Тоа е собно растение од фамилијата Agavaceae – Agave, а повеќето видови потекнуваат од тропските предели на Африка.Во зависност од видот, тие можат да пораснат од 1 па до 3 метри. Расте на тој начин што новите ливчиња се формираат на врвот, а долните паѓаат и умираат. На тој начин стеблото постепено оголува и наликува на палма. Од друга страна пак, ова растение расте многу споро, но е долговечно (има примерок од ова растение во Тенерифе, кое е старо околу 1.000 години). Драцената е многу погодно собно растение: се задоволува со малку топлина и најдобро е да го поставите во светла просторија, подалеку од директен контакт со сончева светлина. Ходниците не се погодни места за оваа билка. Во секој случај, Дрвото на животот изгледа доста декоративно и го украсува секој простор.
- Драцената сака светли простории, но не и директен контакт со сончевата светлина. Ставете го на малку засенето место. Оптимална температура му е 20-30 степени Целзиусови.
- Во зимските месеци, слободно преместете го дома бидејќи е доста прилагодливо растение и централното греење не му пречи. Но, осигурете се температурата да не падне под 15-тиот степен бидејќи ладното многу му смета и може да умре. Така, во текот на зимата не треба да го прихранувате, а наводнувањето треба да го правите на тој начин што, земјата ќе биде секогаш влажна. Прскањето на листовите, пожелно е да го правите еднаш неделно, а во текот на летото многу почесто.
- Најпогодна почва за Драцената е мешавина од компост за растенија и песок за кактуси во однос 1:1.
- Размножувањето може да биде со семе или со резанка од растението. И двата начини се многу едноставни и успешни. Доколку имате семе, најдобро е да го посеете во текот на март, во обичен супстрат и да го оставите на топло место покрај сончев прозорец. Треба да го прекриете со најлон, како би се обезбедила потребната температура. Најпогодна температура за никнење на семето е 27-28 степени. Кога растението ќе почне да расте, намалете ја температурата до 24-тиот степен и пресадете го во лонче со димензии 7-9 см, заштитено од провев.
- Драцената треба да ја пресадувате на 2 години или на помал временски период, во поголема саксија, во зависност од брзината на растот. При пресадувањето погодно би било, на дното на новата саксија да ставите камчиња или парчиња од тули за да се подобри дренажата.
- Листови: доколку листовите на вашата Драцена почнат да паѓаат, а не се во целост развиени, тоа е прв знак за преголемо или премало наводнување, како и растење на ниска температура. Листовите може да ги бришете со пена од пиво. Таа му дава сјај на листот и штити од прашина. Во лето, ако директно го изложите на Сонце, листовите избледуваат.
Доколку сте љубители на одгледувањето собни растенија, погледнете што треба да знаете за филадендронот пред да одлучите да го чувате во вашиот дом.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.