Ројбос чајот станува сè популарен, а ова се неговите здравствени придобивки
Ројбос чајот за кратко време се здоби со популарност помеѓу љубителите на чај ширум светот. Се смета за една од најдобрите алтернативи на црниот и зелениот чај, а се претпочита поради големата количина на антиоксиданти. Овој чај е вистинскиот избор за вас доколку сакате да го одбегнете кофеинот.
Каков вкус има ројбос чајот?
Чајот добива црвена боја додека се вари па оттука произлегува и неговото име – црвен чај или чај од црвена грмушка. Иако ројбос чајот е билен чај, сепак нема никаква поврзаност со зелениот и црниот чај. Има овошен, сладок вкус со земјени ноти, а се консумира како топол или ладен пијалак и е поблаг од зелените и црните чаеви.
Ројбос чајот се произведува преку ферментирање на лисјата на Aspalathus linearis, грмушка што се одгледува на западниот брег на Јужна Африка,
Здравствени придобивки од консумирање ројбос чај
1. Не содржи кофеин
Кофеинот е природен стимуланс што се состои во кафето како и во многу видови чај. Умереното консумирање кофеин е безбедно за организмот, но прекумерното консумирање може да доведе до нарушување на спиењето, чувство на немир и вознемиреност, главоболки. Ројбос чајот не содржи кофеин и е одлична замена за црниот и зелениот чај.
2. Богат е со антиоксиданти
Поради високата содржина на антиоксиданти, ројбос чајот го спречува создавањето на слободни радикали кои се главна причина за појава на воспаление, оштетување на клетките и предвремено стареење. Антиоксидантите во ројбос чајот исто така можат да имаат и антиканцерогени ефекти.
3. Го подобрува здравјето на срцето
Истражувањата покажуваат дека ројбос чајот го намалува лошиот, а го покачува добриот холестерол. Ова доведува до намален ризик од срцеви заболувања.
4. Помага во справувањето со дијабетес
Ројбос чајот е природен извор на аспалатин, антиоксидант познат по својот антидијабетичен ефект. Го балансира нивото на шеќер во крвта и ја намалува отпорноста на инсулин.
Како се подготвува ројбос чајот?
Најдобриот начин за подготовка на чајот е да ги следите упатствата на пакувањето. Ги варите листовите чај во вода (исто како и обичниот чај), а потоа го послужувате. Можете да додадете шеќер, мед или млеко по вкус.
Дали има несакани ефекти од консумирање ројбос чај?
Ројбос чајот е безбеден за консумирање, а несаканите ефекти се ретки. Но постојат случаи, иако се многу ретки, на хепатотоксичност (оштетување на црниот дроб) предизвикани од консумирање на ројбос чај, што најверојатно се должи на неговиот хетероген состав.
Ројбос чајот може исто така да предизвика негативни интеракции со лекови за хронични заболувања како хипергликемија (високо ниво на шеќер во крвта) и дислипидемија (високо или ниско ниво на липиди во крвта). Затоа најдобро е да се консултирате со вашиот лекар пред да консумирате ројбос чај.
Откако дознавте за придобивките од ројбос чајот, ви препорачуваме да прочитате и кои се несаканите ефекти од чајот од камилица.