Ренесанса на душата
Знаете што не е фер? Цела недела куќата да ти мириса на највкусни велигденски специјалитети, а ти да не смееш да пробаш ништо од тоа. Се работи за јак карактер или фактот што ќе добиеш по рака со дрвената лажица ако посегнеш по нешто предвреме? Па доаѓа Велигден и се давиш во руска салата… или што и да е тоа што ти е омилено. Јас сакам да предложам еден договор. Ќе бидам умна, послушна, а за возврат сакам да можам да јадам сè и сешто без да накачам некое килце плус, нека биде како договор со Дедо Мраз за Нова година. Само не знам каде да се обратам и да го предложам договоров, ама во секој случај мислам дека е добра идеја…Кога станува збор за празниците, не мора да излегувам од дома за да најдам инспирација или да соберам податоци. Тука е мајка ми. Експерт за сè живо и неживо, за сè што лета, оди, се јаде… Детален познавач на секоја област, секогаш подготвена да даде подробни информации, и најважно од сè – секогаш е во право, а спротивното е невозможно да се докаже. Не, сериозно, за нејзините познавања од областа на верата и духовноста ѝ симнувам капа.
По разговорот со жената која мора да ме сака каква што сум бидејќи таква ме родила, се прашувам колку сите ние вистински се концентрираме на светоста на празникот? Во целата збрка да се исчисти домот, секоја да се покаже колкава домаќинка е, да се вапсаат јајцата, да се оди по гости и во црква бидејќи таков е адетот, кој колку обрнува внимание на сржта на овој ден?
Станува збор за ден кој е симбол на вечниот живот, на надежта и бесмртноста. Јас лично го доживувам како ренесанса на душата. Нова шанса, нов почеток, повторно раѓање. Ден кога те обзема сета светост и кога се ежиш од биењето на камбаните или кога Џокси ја пее „На Велигден“. Кога кршењето со јајца е толку забавно и предизвикува во тебе да се разбуди натпреварувачкиот дух – твоето јајце да биде кршалче. И плус, секогаш е во пролет, уште една поврзаност со симболите за преродба. Колку е прекрасно тоа?
Сега се прашувам, дали вербата денес е потценета? Во денешно време, со таков напредок на технологијата и медицината, со такви достигнувања, дали да се бара од нас да веруваме во нешто што не го гледаме е премногу? Но да ве прашам нешто, ја гледате љубовта? Не, но сепак верувате во неа, бидејќи ја чувствувате кон семејството, пријателите, сопругот или сопругата. Нели тие нешта кои не се гледаат, не може да се допрат, но се чувствуваат, се најсвети и најмили?
Можеби треба да престанеме да бидеме самобендисани, да се доживуваме себеси како да сме семоќни и како да никој не ни може ништо. Вистината е сепак, дека времето лета, дека вербата ѝ е потребна на душата, дека треба да постојат вакви денови кога ќе се сетиш на твоите пријатели и роднини, поблиски или подалечни. На некој на кого му треба помош, на некој на кого одамна или воопшто не сте му кажале што чувствувате. Нека овој ден биде поттик за сите нас да ја покажеме нашата љубов и верба.
Срцата се кршат и луѓето се забораваат поради зборови кои остануваат некажани. Кога последно сте му се јавиле или сте го посетиле вашиот стар дедо и сте му кажале колку го сакате и почитувате? Кога последно сте ја прегрнале вашата мајка или вашата пријателка и сте ѝ кажале колку ви е мило што ја имате во својот живот? Мислам дека сите ние би требало да го сториме тоа што поскоро. Нам не ни текнува додека нештото не го изгубиме и не почне страшно да ни недостига. Тоа е проблемот со нас луѓето…
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.