Пролет каква што сите обожаваме: 4 бои со кои ќе се издвоите од толпата
Силна розова, златно жолта, богата виолетова и разиграна индиго се боите кои оваа пролет ги препорачуваат сите трендсетерки. Па, доколку сакате да бидете во тренд и да ги оставите зад себе сите оние монотони зимски бои, време е да му се придружите на сонцето и да сјаете во овие силни пролетни нијанси.
Силна розова
Пастелната розова беше најпопуларната боја за 2015 година, па токму затоа и оваа година ќе може да се гледа често во модните комбинации на дамите. Но, ако сакате да оставите навистина силен впечаток, тогаш ви предложуваме да ги пробате посилните нијанси на розовата боја. Во комбинација со црни или крем елементи, вие ќе изгледате исто како вашата омилена кукла од детството – Барбика!
Златно жолта
Бојата на сончевата светлина и сенфот не само што ќе остави голем впечаток каде и да одите, туку ќе ви помогне да привлечете добри вибрации и оптимизам. Верувале или не, оваа боја се поврзува со позитивните емоции, како радоста и среќата, па тоа е само уште една причина плус зошто би требало да се најде во вашите секојдневни модни комбинации.
Богата виолетова
Таа е една од омилените бои за зимскиот период, но уште подобро одговара за време на пролетта бидејќи потсетува на свежо расцутената природа и прекрасните цветни површини. Без разлика со кои бои ќе одлучите да ја комбинирате, сигурни сме дека нема никако да згрешите!
Разиграна индиго
Дали воопшто треба да спомнеме дека оваа боја никогаш нема да излезе од мода? Оваа пролет, покрај разиграните и живи бои, исто така ќе бидат многу популарни и светлите, но и темните нијанси од индиго бојата. Тие се лесни за комбинирање и најмногу одговараат за секојдневните прошетки на отворено.