Препораки: Зошто луѓето ретко препорачуваат некого или нешто?
Автор: Петар Лазаров
Зошто последниот пат препорачавте некој ресторан, фитнес центар, компанија или производ на вашите пријатели, соседи или соработници?
Сигурно не било поради тоа што не сте добиле добар однос или бидејќи не ви се допаѓал производот или услугата што ви биле понудени. Јас често знам да кажам дека препораката е, „најтешкиот, а најлесен начин на продажба“. Најлесен поради тоа што вие не продавате, продава вашиот клиент (пријател, соработник). Вие не правите ништо за да ја реализирате таа продажба. Но, зошто најтешка!? Бидејќи ако некој ве препорача, тоа значи дека вие сте понудиле нешто повеќе од просекот, стандардот. Тоа значи дека вие сте ги надминале нивните очекувања.
Клиентите повеќе се жалат на компаниите отколку што ги фалат и препорачуваат. Така велат истражувањата. И, тоа е нормално бидејќи обично клиентите добиваат просечна услуга, односно ние им ги задоволуваме нивните очекувања или она што сме го ветиле. Обично клиентите нè препорачуваат кога ќе им понудиме повеќе од ветеното и да постигнеме „WOW“ ефект кај нив.
Со цел да ги сфатиме препораките, и зошто луѓето (не) препорачуваат треба да видиме што е она низ кое тие поминуваат пред да одлучат дали да препорачаат некој производ или услуга:
- Дали јас ќе бидам одговорен ако на мојот пријател не му се допаѓа производот/услугата?
- Дали ако препорачувам, му правам добро на мојот соработник или само му одземам повеќе време?
- Дали мојот образ ќе се оцрни кај соработникот ако препорачаниот направи некои проблеми (пр. не плати)?
- Што добивам ако препорачам нешто/некого?
Во секој случај, со цел да добиете препорака од ваш клиент, треба да сте свесни за овие 3 најважни фактори:
- СУПЕРИОРЕН ПРОИЗВОД
- ПОСЕБНО ИСКУСТВО ЗА КЛИЕНТОТ
- ДОЛГОРОЧНА РЕЛАЦИЈА СО КЛИЕНТОТ
Да се биде добар веќе не е доволно, мора да се биде посебен. Олеснете им ја работата на вашите гласноговорници и обезбедете им безбеден, забавен и исплатлив начин за да ве промовираат.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.