Прекрасни украси за коса кои можете да ги направите сами
Шнолки, венчиња, ленти, стегачи и што ли уште не, идеите за вашата фризура да биде интересна и несекојдневна се многубројни. Но за жал, многу од овие прекрасни украси за коса знаат да чинат доста, а често пати се случува да не можеме да пронајдеме токму во онаа боја или форма која што ни треба. За среќа постои начин како да ја употребите вашата креативност и имагинација, а да не потрошите премногу пари.
Следат неколку интересни упатства со чија помош лесно можете да направите свои, уникатни украси за коса и следниот пат кога ќе излезете во град слободно да се пофалите пред пријателките со вашата оригиналност. Кој знае, можеби ќе привлечете и некој заводлив поглед од спротивниот пол.
1. Шноли со кристалчиња
Овие интересни шноли можете да ги направите со конец во каква било боја, но и со различни камчиња, во зависност од гардеробата која ја имате. Всушност, зошто да не направите повеќе различни? Сè што ви треба се шнолки, конец, игла и камчиња кои најдобро е да бидат самите залепени на проѕирна лента, како на сликата, но доколку не најдете такви можете и директно да ги залепите на шнолата.
Лентичката со кристалчиња треба добро да ја залепите за шнолата, а ако не успеавте да пронајдете таква, залепете го секое кристалче посебно. Почнувајќи од крајот на шнолата вртете го конецот внимателно во просторот помеѓу две кристалчиња.
Крајот од конецот најдобро е да го скриете под долниот дел на шнолата за да не се познава и вашата креација да изгледа што подобро.
2. Впечатлив украс со бисерчиња
Можеби ќе ви одземе повеќе време да го направите, но дефинитивно вреди секоја секунда. Овој украс е навистина елегантен и можете да го носите за специјални пригоди, но и во оние денови кога навистина сакате да бидете и да се чувствувате посебни. Потребна ви е обична црна шнолка, шнола со повеќе иглички (оние во вид на малечко чешле), подебел конец или тенка жица, лепак и многу бисерчиња.
Почнете така што жицата или конецот ќе ја закачите во едно од дупчињата на чешлето за да можете потоа да нанижете бисерчиња.
Краевите од секој конец врзете ги цврсто на крајот на другата шнола. Вишокот конец скратете го, а на самите дупчиња од чешлето можете да залепите бисерчиња за уште подобар ефект.
3. Слатки машнички
Овие машнички се многу лесни за изработка и се одлични кога сакате да го разиграте вашиот стил. Одберете материјал по желба, можат да бидат еднобојни или со некој интересен принт. Можат да се направат од каков било материјал (на пример некоја стара маичка) и не одземаат многу време. Потребно ви е лепак, ножици, шнола и малку креативност. За почеток, погледнете ја изработката на овие едноставни, еднобојни машни.
4. Шноли и копчиња – разиграна комбинација
Тука веќе нема изговори, зашто за оваа креација потребни ви се само копчиња, лепак, обични шноли и неколку минути од вашето време, освен ако не ви стане интересно, па се решите да го искористите секое копче кое што ќе ви се најде по дома. А ефектот е навистина одличен.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
интересно… уште 2-3 идеи супер би биле 🙂