Пижамите треба да ги менувате секој ден. Прочитајте зошто!
Облеката што ја носиме во текот на денот, најчесто завршува во корпата за валкани алишта по само едно носење. Сепак, кога се работи за пижамите, никој не помислува дека треба да ги смени по едно преспивање со нив.
Иако ги носиме секоја вечер барем по неколку часа, едно истражување утврдило дека луѓето обично ги менуваат пижамите на секои 13-17 дена во просек. Веројатно ова се должи на претпоставката дека во текот на ноќта нашето тело не се валка, па затоа и не чувствуваме потреба да ги ставиме пижамите на перење штом станеме од кревет. Но, ова е далеку од вистината.
Еве ги причините поради кои пижамите треба да ги менувате секој ден.
1. Насобирање на бактерии
Сите ние постојано носиме бактерии на површината на нашата кожа, во носот и во устата. Во повеќето случаи, овие бактерии не се штетни за организмот. Но, кога постојано спиеме во истата облека, тие се насобираат на неа и тоа може да доведе до опасно ширење на бактериите. При опаднат имунитет, во случај на некоја посекотина или опекотина на кожата, тие почнуваат да го напаѓаат нашето тело, што пак може да доведе до инфекција.
2. Создавање на акни и цисти
Спиењето долго време во исти пижами овозможува на нив да се насоберат сите можни видови бактерии со мешавина од отпадната кожа, масла, прашина и други микроорганизми. Доближувајќи ги пижамите до телото, ние всушност нанесуваме слој од тие предизвикувачи на акни врз себе, запушувајќи ги порите, што доведува до формирање на нови иритации на кожата.
3. Акумулирање на грини од прашина
Креветите и пижамите се вистински рај за грините. Овие микроскопски организми секогаш нѐ следат и научниците тврдат дека од нив не можеме да се ослободиме дури ни во совршено чисти услови. Тие се хранат со мртва кожа. Па, што подолго ги носиме истите пижами неперени, толку повеќе на нив се акумулираат грини, кои можат да предизвикаат алергиски реакции, како што се кашлање, течење на носот и проблеми со дишењето.
4. Непријатен мирис
Во текот на спиењето нашите тела интензивно се потат, таа пот се впива во пижамите и тоа создава непријатен мирис. Па, доколку имате навика да се туширате навечер, непосредно пред да влезете во вашите комотни пижами, миризливите купки немаат многу поента ако вашата ноќна гардероба не сте ја испрале повеќе од десет дена.
5. Отсуство на утринска свежина
Носењето нечисти пижами создава чувство на нечисто тело. Дури и ако наутро облечете чиста облека, доколку вашето тело не е сосема чисто, може да се чувствувате непријатно. Тоа е така затоа што одредена количина нечистотии се собираат на пижамите, а потоа се пренесуваат на вашето тело.
6. Несоница
Кога одиме на спиење во чисти пижами се чувствуваме поопуштено и спремни за сладок сон. На тој начин ни е многу полесно да заспиеме. Освен тоа, така се подобрува квалитетот на сонот, а на кожата се насобираат помалку микроорганизми кои можат да предизвикаат иритација или чешање.
Добрата хигиена помага да се чувствуваме подобро. Тоа е важно, не само за нашето физичко здравје, туку и за менталното. Затоа, менувајте ги вашите пижами што почесто.