Оставете го бебето да ги става играчките во уста

Оставете го бебето да ги става играчките во уста

Доенчето има вродена потреба со усните и јазикот да ги истражува предметите, па затоа експертите ги советуваат родителите ваквото однесување да не се ограничува или забранува. Поголемиот дел од родителите не сакаат кога детето ги става предметите и играчките во уста. Во тој момент гледаат што побрзо да им го тргнат предметот од уста, сметајќи дека тоа е нехигиенски, дека детето може да се разболи, а присутен е и страв од можно голтање на предметите.

Оставете го бебето да ги става играчките во уста

Но, како што веќе кажавме, станува збор за вродена потреба на детето со усните и јазикот да ги истражува предметите. Па, родители, пуштете го своето бебе да ги става играчките во уста. Тоа е важен чекор во детскиот развој.

Истражување со устата

Ставање на предметите во уста е првиот начин на истражување на околината, односно орално истражување. Се јавува во четвртиот месец од животот и трае до осмиот месец. Тогаш детето го истражува предметот со усните, а не со очите, како што се мисли вообичаено. Децата со усните ги истражуваат предметите се до 18-от месец, а некои и подоцна.

Многу е важно родителите да се запознаат со оваа фаза на развој и да се погрижат во детската околина да нема опасни и мали предмети. Важно е да се обрне и внимание на предметот со кој детето игра, односно тој треба да биде:

  • Доволно голем, за да не може да се проголта
  • Да нема остри рабови
  • Да не е обоен со токсични бои или направен од токсични материјали
  • Да не е кршлив

Мануелно истражување

Во шестиот месец од животот, детето во играта почнува да користи мануелно истражување, ги фрла предметите на подот, удира со предметот на подлогата, мавта со нив во воздух. Родителите, понекогаш за овој начин на игра немаат разбирање и го прекоруваат детето. Но, ваквиот начин на игра на детето му овозможува да ја истражува тежината на предметот, звуците, односно тактилно-кинестетичките функции на предметот. Оваа фаза обично трае додека детето не наврши една година, додека кај некои деца трае и до 15 месеци.

Визуелно истражување

Детето почнува да ги набљудува предметите од осмиот до деветтиот месец, а пред тоа ги користи очите за да го воочи предметот и да си ја приближи раката.

Со истражување на околината децата користат разни начини на однесување, па некои се склони кон набљудување на предметите, додека други ги запознаваат предметите преку истражување со рацете и усните.

Дознајте и како да му помогнете на вашето дете да ја засака книгата…

 Сања Нечовска, дефектолог-логопед


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар