Однесувајте се добро спрема старите луѓе
Автор: Моника Димитровска
Зафатени со желбата да созрееме, да се осознаеме самите себеси, не обрнуваме многу внимание на постарите личности кои ни значат во животот. Се фокусираме на тоа да пораснеме не земајќи предвид дека тие стареат секој ден сѐ повеќе. На крајот ќе го напуштат светот и тогаш сфаќаме дека требало повеќе да им обрнуваме внимание додека биле покрај нас.
Тоа што можете да го направите или сакате да го кажете денес, не оставајте го за утре – можеби ќе биде предоцна. На вашиот дедо или баба доволно им е да им посветите дел од денот за разговор за да се почувствуваат згрижени и сакани.
Истото важи и за останатите членови од семејството, не заборавајте дека и вашите родители стареат. Посветете си внимание на себе, но секогаш најдете време во денот и за нив. Ако не сте во можност да ги посетите, доволен е еден телефонски разговор кој ќе им го развесели денот.
Доколку моментално немате идеја како да им покажете на постарите луѓе околу вас дека ви значат, ќе ви помогнеме со неколку совети.
Поминувајте време со нив и разговарајте
Покажете им дека ви се важни, прашувајте ги дали се чувствуваат добро. Поставувајте им прашања во врска со нивните животи. Нека ви кажат за времето кога тие биле деца, дури и ако сте ги слушнале истите приказни милион пати. Прашајте ги за повеќето авантуристички нешта што ги сториле. Прашајте ги за нивната прва љубов, нивниот прв бакнеж. Кога во нивните животи тие се почувствувале најмногу среќни, најмногу исплашени, најмногу возбудени. Може да ви откријат неверојатни нешта за нив!
Секако постојат и луѓе кои не сакаат да зборуваат за своето минато. Доколку вашите баба, дедо или родители се вакви личности, не притискајте ги. Уживајте во тишината со нив, понекогаш е пријатно кога не чувствувате потреба од разговор во друштво на некои личности. Искористете ги ваквите моменти бидејќи не можете да ги добиете од пријател, партнер или колега. Ако со нив не се трудите да разговарате, овие луѓе ќе си помислат дека нешто не е во ред со вашиот однос, за разлика од луѓето во вашето семејство.
Помагајте им
Доколку се работи за физичка работа која сакаат да ја завршат, а не можат, понудете се да го направите тоа вие. Или пак, за промена, понудете се вие да го зготвите ручекот. Помислата на тоа дека нивното внуче/дете знае само да се грижи за себе и за своето семејство ќе ги израдува.
Отворете го семејниот албум
Разгледувањето слики кои будат убави спомени може многу да ги расположи постарите луѓе. Тие за секоја една слика ќе ви раскажат барем една приказна поврзана со неа.
Отворете се!
Никој не може да ви даде подобар совет од вашето семејство. Доколку имате проблем на работа, факултет, со пријателите или партнерот, обратете им се на вашите баба или дедо, тие ќе бидат среќни што сте побарале помош од нив и сигурно ќе ви го дадат најискрениот совет.
Или доколку сте среќни, едноставно пофалете им се, вашето семејство никогаш нема да биде љубоморно на вашата среќа за разлика од сите други.
И за крај, кажете им дека ги сакате!
Да, едноставно изговорете ги тие два збора кои значат многу. Прегрнете ги и бакнете ги, тие го заслужуваат тоа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.