Од Французинките до Индијките: Трикови за привлечен изглед на жените ширум светот
Дека привлечноста е во очите на набљудувачот, најдобро го докажуваат различните стандарди за убавина ширум светот. Дознајте што прават жените од различни области на планетата Земја за да изгледаат убаво и привлечно.
1. Жените од Иран се гордеат на совршено обликуваниот нос
Естетските операции на носот денес се вообичаени, но малку е познато дека тие се најпопуларни во Иран каде што жените не кријат дека биле „под нож“, туку се гордеат со тоа. Бидејќи нивното тело и коса се покриени со хиџаб, жените се фокусираат на она што е видливо за сите, а тоа е лицето.
2. Жените од Нов Зеланд го красат своето лице со тетоважи
Жените од народот Маори во Нов Зеланд уште од памтивек ги украсуваат своите усни и брада со тетоважи. Тоа е античка традиција која е позната како „та моко“. Некогаш таквите тетоважи го означувале потеклото и општествениот статус, а денес се моден додаток.
3. На жените од Азија им е најважен порцеланскиот тен
Во азиските земји светлата кожа е традиционален знак за убавина и богатство. Азијките и денес го негуваат обичајот да го избегнуваат сонцето за нивната кожа да не добие сончана боја. Особено во Кореја жените трошат многу пари на креми за избелување на кожата.
4. Жените од Франција го сакаат природниот изглед
На Французите им е најпривлечен природниот изглед без тешка шминка. Тамошните жени велат дека сакаат да бидат свои и да ја истакнат природната убавина, а не да се прилагодуваат на некој стил. На Французинките им е поважна негата на кожата отколку шминката.
5. Жените од античките племиња го „истегнуваат“ својот врат, уши, усни…
Во племето Карен во азиската држава Мјанмар има антички обичај во кој на жените целиот врат им е „окован“ со бронзени ланчиња. Декоративните кругови создаваат впечаток на растегнат врат, па жените од племето Карен се познати и како жирафи. Избричената глава и растегнатите ушни реси се илјадагодишни стандарди за убавина во африканското племе Масаи и другите племиња, во кои сѐ до денес се задржал и обичајот за растегнување на долните усни со помош на посебен „диск“. Во некои делови од Африка и Јужна Америка, традиционално на торзото се нанесуваат белези како знак на сензуалност.
6. Жените во Индија цртаат по своите тела со к’на
Жените во Индија традиционално ги исцртуваат очите со темна линија за да бидат поизразени, а на рацете и стапалата сакаат да носат цртежи од к’на. Најпрепознатливиот индиски украс е бинди, обоената точка или скапоцен камен на челото. На Индијките им е важно нивната коса да биде долга и сјајна, а кожата ја осветлуваат со помош на посебни креми. Овие илјадагодишни традиции ги модернизирале индиските филмски ѕвезди во Боливуд.