Нештата за кои внимателно се грижиме траат подолго. Еве како да го сочувате вашиот омилен костим за капење
Конечно го пронајдовте вашиот идеален костим за капење и сакате тој да ви трае што подолго? На чувствителната ткаенина на костимот за капење штета ѝ нанесуваат сонцето, жештината, средствата за сончање, морската вода или пак онаа од базен. Додатна штета ѝ нанесува и неправилното одржување. Затоа придржувајте се до овие правила ако сакате да го носите вашиот омилен костим за капење и следното лето.
1. Перете го рачно
Иако ова одзема малку повеќе време и труд, сепак на крајот ќе се исплати бидејќи на овој начин тој нема да се оштети. Најпрво е потребно да го исперете костимот за капење во млака вода за да ги отстраните трагите од сол или хлор. Потоа исперете го со благо средство, најдобро е со шампон или со течен сапун. На крај, исплакнете го добро. Немојте да го цедите со раце, туку завиткајте го нежно во пешкир.
2. Што е со перењето во машина за алишта?
Ако веќе мора да го перете во машина за алишта, тогаш немојте да го ставате заедно со другите алишта, бидејќи на тој начин тој ќе се замота околу нив и ќе се развлече. Најдобро би било да го ставите во мрежа за перење алишта и да го перете на програма која е наменета за чувствителни алишта, најмногу на 30 степени.
3. Не сушете го директно на сонце
Немојте да го сушите костимот за капење директно на сончева светлина ниту пак на жица за алишта. Ако е можно сушете го на рамна површина во сенка. Ако го оставите да се исуши директно на сонце, неговата боја ќе избели уште пред да заврши вашиот одмор. И без разлика колку ви се брза, никогаш немојте да го сушите во машина за сушење алишта.
4. Како да ги отстраните дамките?
Ако дамката на костимот за капење е мокра, лесно отстранете ја со тапкање со марамче или памук, а потоа исперете го рачно кога ќе пристигнете дома. Сувата дамка немојте да ја стругате, бидејќи на тој начин ќе го оштетите костимот за капење, а нема ниту да ја отстраните дамката.
5. Како да го отстраните ситниот песок од костимот за капење?
Песочните плажи се прекрасни, но што е со оние ситни зрнца песок кои навлегуваат во ткаенината и не можете да ги отстраните? За почеток, намокрете го костимот за капење во млака вода и оставете го така неколку часа, а потоа исперете го рачно. Ако ова не ви помогне, почекајте костимот за капење потполно да се исуши и со помош на фен издувајте ги ситните зрнца песок. Секако водете сметка за тоа дека фенот треба да ви биде вклучен на ладен воздух.