Неколку правила за користење фигаро
Иако девојките и жените во последно време за виткање ја користат пеглата за коса, сепак локните коишто се прават со фигаро се незаменливи. Доколку сакате да инвестирате одредена сума пари во овој апарат, еве неколку основни правила за негово користење.
1. Не почнувајте со виткање од самиот корен на косата
Никогаш не почнувајте да го виткате праменот од коренот на косата. Оставете барем два сантиметри од коренот, при што локните ќе изгледаат поприродно. Истото правило важи и за краевите – никогаш немојте да ги виткате!
2. Тргнете ја косата од лицето
Кога ја виткате косата со фигаро, секогаш виткајте ја во правец спротивен од лицето. На тој начин вашата фризура ќе изгледа поприродно, а косата ќе има поголем волумен и текстура.
3. Ракувајте правилно
Начинот на држење на фигарото исто така има влијание на тоа како ќе изгледаат вашите локни. За нивен поопуштен изглед, фигарото држете го вертикално, а да бидат поцврсти, подобро е да го држите хоризонтално.
4. Чистете го фигарото
Кога ќе завршите со користење, откако ќе се олади, секогаш чистете го со влажна памучна крпа, за да ги отстраните евентуалните остатоци коишто сте ги користеле за формирање на локните, како што е на пример пената за коса.
5. Имајте природен изглед
Доколку по некоја случајност сте ги извиткале и краевите на локните, на крај можете да ги испеглате, за да имате поопуштена и поприродна фризура.
6. Придржувајте ги локните
Кога ќе извиткате одреден прамен, секогаш придржете го во раката пред да го пуштите, за прво добро да се олади. На овој начин вашите локни ќе бидат потрајни.