Науката открива: Зошто губите апетит кога ви е скршено срцето?
Во филмовите секогаш кога главните ликови ќе раскинат, веднаш се „фрлаат“ на нездрава храна и почнуваат да се „дават“ во сладолед. Во реалноста, првите неколку дена по раскинувањето чувствуваме некаква непријатност во стомакот и храната е последното нешто што ни паѓа на памет. Секако дека секој човек се однесува на различен начин кога е повреден, но науката вели дека постои причина за губењето апетит по кршењето на срцето.
Гертер Хорст, професор по невробиологија во Холандија, ја истражувал оваа појава и открил дека таа е поврзана со хормоните кои полудуваат по болното раскинување. Веднаш по прекинот на врската (особено ако тоа не било ваша одлука), во вашето тело се случуваат најразлични турбуленции. Постојат големи шанси дека ќе доживеете зголемено срцебиење, покачени нивоа на кортизол и адреналин што може да доведе до проблеми со спиењето, стомакот и намалена желба за јадење.
Вашето тело буквално се обидува да преживее. Во тие моменти, вие минувате низ многу стресна ситуација поради што се зголемува вашата чувствителност и гладот повеќе не ви е главен приоритет. Вашата потреба за храна се намалува со тоа што се забавува дигестивниот систем.
Не е воопшто чудно тоа што вашите емоции губат контрола во овој период и тоа може да влијае на храната што ја јадете.
„Деловите од мозокот кои управуваат со емоциите и емоционалната болка исто така регулираат што јадеме, нашата потреба за храна и вкусот што го чувствуваме. Мозочните области што се задолжени за овие функции се многу блиску и можат да си влијаат една на друга“, изјавил Хорст.
Кога повторно ќе почувствувате глад, постои голема веројатност дека ќе посегнете по мрсна храна за да го надоместите недостатокот на калории и намалените нивоа на окситоцин што се јавуваат по раскинувањето. Ова објаснува зошто пицата, сладоледот и благите работи звучат одлично откако ќе помине првичниот шок.
Освен тоа, мажите и жените реагираат различно на болката предизвикана од скршеното срце. Кај жените постојат поголеми шанси дека ќе ги почувствуваат овие симптоми поврзани со стомакот за разлика од мажите. Па, доколку и вие барате утеха во кутиите сладолед и пица по болното раскинување, знајте дека не сте сами!
Доколку се согласувате со овие откритија, прочитајте зошто скршеното срце не е само метафора.