Конвенција за повредените во љубовта

Конвенција за повредените во љубовта

Испровоциран од тоа што наместо да се спречат војните, се носат правила за нивна практика, големиот писател и вљубеник во животот Пауло Коелјо решил да пропише правила со кои ќе ги заштити бројните повредени во љубовта. Користејќи го своето огромно животно искуство, составил прекрасна конвенција од неколку правила чие почитување ќе доведе до побрзо зараснување на љубовните рани.

Конвенција за повредените во љубовта

Општи одредби

А – Имајќи предвид дека изреката „во љубовта и војната сè е дозволено“ е сосема исправна;

Б – Имајќи предвид дека ја имаме Женевската конвенција од 22 август 1864 која пропишува правила за оние кои се повредени на бојните полиња, но досега немаме конвенција за оние што останале повредени во љубовта, иако се многу побројни;

Се пропишува дека:

Член 1

Сите вљубени од двата пола се предупредуваат дека љубовта, покрај тоа што е најголемиот благослов, исто така може да биде многу опасна, непредвидлива и може да предизвика сериозна штета. Затоа, секој што сака да љуби мора да биде свесен дека своето тело и душа ги изложува на разни видови повреди и дека за тоа не треба во ниту еден момент да го обвинува партнерот, затоа што ризикот паѓа на двајцата подеднакво.

Член 2

Штом некој почувствува дека е погоден од стрелата на Купидон, мора веднаш да побара од него истата стрела да ја испрати и во спротивната насока, за да не дојде до повредата позната како „невозвратена љубов“. Ако Купидон одбие да го стори тој чин, Конвенцијата пропишува дека повредениот мора веднаш да ја извади стрелата од своето срце и да ја фрли в ѓубре.

Со цел да го осигура ова, тој мора да ги избегне сите телефонски повици и пораки преку интернет, да избегне да праќа цвеќиња кои никој нема да сака да ги прими или која било друга форма на заведување, со оглед на тоа што тоа ќе даде резултати на краток рок, но секако ќе заврши на непосакуван начин после извесен период.

Конвенцијата пропишува повредената личност задолжително да побара друштво од блиски луѓе за да ја избегне опсесивната мисла: „вреди да се борам за оваа личност“.

Конвенција за повредените во љубовтаЧлен 3

Ако повредата е предизвикана од трети лица, или со други зборови, ако саканата личност станала заинтересирана за некој кој не се појавува во претходниот член, одмаздата е строго забранета. Во ваков случај, дозволено е да се плаче додека солзите не пресушат, да се удира по ѕидови и перници, да се напаѓа поранешниот партнер во разговорите со пријателите, да се исмее неговиот/нејзиниот невкус, но без да се повреди нивната чест.

Конвенцијата пропишува повторна примена на правилото од членот 2: да се побара друштво на блиски лица, по можност на места каде што не може да се сретне поранешниот партнер.

Член 4

Во случај на полесни повреди, и тоа мали предавства, краткотрајни изливи на страст или сексуален интерес кој бргу поминува, мора брзо и нежно да се нанесе лекот „извини“. Штом еднаш се нанесе овој лек, повредениот никогаш повеќе не треба да ја разгледува одлуката на другиот, а случката мора да биде заборавена и никако да не се искористи во караница.

Член 5

Во случај на постоење на повредата „раскинување“, единствено лекот „време“ покажува резултат. Нема корист од барањето утеха во претскажувачи на иднината (кои секогаш велат дека љубената личност ќе се врати), романтични книги (кои секогаш имаат среќен крај), телевизиски сапуници и слични нешта. Повредениот мора да си дозволи интензивно да страда, без притоа да употреби дрога, лекови за смирување или молитви до светците. Се толерира само употреба на алкохол и тоа максимум две чаши вино на ден.

Завршни одредби

Оние кои останале повредени во љубовта, за разлика од повредените во вооружен конфликт, не се ниту жртви ниту мачители. Тие избрале нешто што е составен дел од животот, па затоа мораат да ги прифатат и задоволството и болката од нивниот избор.

Оние кои никогаш не биле повредени во љубовта никогаш не ќе можат да кажат: „Го живеев животот“. Затоа што никогаш не го живееле.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар