Кои работи никогаш не смеете да ги криете од вашиот љубовен партнер?
Секоја љубовна врска е исполнета со успеси и падови. На почетокот од врската веројатно ќе ви биде тешко да се покажете во вистинското светло, бидејќи не сте сигурни каков впечаток ќе оставите и дали партнерот ќе продолжи да ве сака откако вистински ќе ве запознае. Колку и да се плашите, многу е важно да бидете искрени и свои, особено ако се работи за посериозна врска. Ова се работите што никако не смеете да ги криете од вашиот партнер…
Вашето вистинско лице
Ако чувствувате дека треба да се однесувате на одреден начин или да глумите додека сте со партнерот, тоа укажува на проблем во врската. Не плашете се да го покажете вашето вистинско лице и да си го искажете мислењето.
Вашите идни планови
Исто така многу е важно да ги споделите вашите идеи поврзани со животните области кои би сакале да ги промените и развивате. На пример, доколку сонувате да живеете во одредена земја, тоа треба навреме да му го кажете на партнерот за да може да ве поддржи и да ви помогне во остварувањето на целите.
Вашите навики за трошење пари
Никогаш не треба да ги криете вашите финансиски средства. Нормално дека не треба да ги делите сите пари, но вашиот партнер би требало да знае со колку пари располагате и колку трошите. На тој начин ќе можете да функционирате како целина и да си помагате.
Вашата желба да станете родители
Уште веднаш мора да бидете искрени околу вашите желби за основање семејство. Некои луѓе не си ја замислуваат иднината со деца. Ако и вашиот случај е таков, мора да го спомнете тоа пред врската да стане премногу сериозна. Можете да разговарате и за тоа колку деца би сакале да имате и како планирате да ги воспитувате.
Вашите лични борби
Луѓето обично ги кријат тешките проблеми со кои се соочиле во минатото како што се на пример, нарушувањата во исхраната, ниската самодоверба и незадоволството од себе. Но, кога ќе ги споделите вашите маки и потешкотии не само што ќе ја зацврстите врската преку вашата ранливост, туку и ќе ги поставите темелите за изградба на една отворена врска ослободена од секакви предрасуди.
Вашите семејни драми
Секако дека крајната одлука дали ќе ги откриете семејните проблеми останува на вас, но експертите советуваат дека не е добро да чувате тајни поврзани со вашата фамилија. Порано или подоцна, вистината ќе излезе на виделина и вашиот партнер можеби ќе почне да се прашува зошто не сте можеле да му се доверите.
Вашиот мобилен телефон
Ако го криете телефонот од вашиот партнер, тоа може да делува сомнително. Секако дека не треба да го споделувате секој детаљ од пораките што ги добивате, но не е во ред ни ако ги криете пораките и го држите телефонот што е можно подалеку од саканиот или саканата. Бидете искрени и имајте доверба во партнерот дека нема да почне да ви го чепка телефонот ако го оставите без надзор.
Вашите поранешни врски
Ако некој ве осудува врз основа на вашите врски во минатото, тој човек не е најдобриот избор за вас. Бидете искрени околу вашите поранешни партнери и отворено разговарајте за негативните и позитивните страни на тие врски.
Бели лаги
Иако белите лаги понекогаш се дозволени, бидејќи нема потреба да ја повредувате саканата личност ако се работи за нешто безначајно, честопати тие бели лаги знаат да се натрупаат и да се претворат во поголеми лаги кои со текот на времето можат да ја уништат врската. Искреноста за работите што се чинат мали може да биде многу корисна, бидејќи никогаш не знаете што се крие под површината на навидум безопасните лаги.
Вашите долгови
Луѓето обично се срамат да зборуваат за нивните финансии ако заработуваат повеќе или помалку од нивните партнери, а особено ако се заглавени во големи долгови. Сите овие ситуации откриваат многу за вашиот начин на живот и идни планови. Ако разговарате отворено за вашите финансии, ќе ги одбегнете малите караници кои можат да произлезат од некои недоразбирања поврзани со вашата или со финансиската состојба на вашиот партнер.
Вашата вознемиреност
Луѓето ја кријат нивната вознемиреност за да одбегнат конфликти, но на тој начин тие ја влошуваат ситуацијата, бидејќи насобраниот презир може да доведе до многу жестоки емотивни експлозии. Ако сте вознемирени, најдобро е да бидете искрени и да разговарате за проблемот. Не треба да ги криете вашите негативни емоции.
Работите што не ви се допаѓаат
Само затоа што на вашиот партнер му се допаѓа нешто, не значи дека и вам треба да ви се допадне. Треба да се држите до вашите убедувања и искрено да кажете доколку не уживате во одредена активност или ако не го делите истиот интерес. Убаво е понекогаш да изгледате некој спортски натпревар со вашиот сакан, но не треба да глумите дека сте фудбалски фанатици.
Вашите чувства кон некој друг
Кога некој од партнерите во врската изневерува, тоа обично произлегува од некакво незадоволство кое лесно би можело да се реши преку нормален и зрел разговор. Доколку забележувате дека ви се будат чувства за друга личност, веднаш кажете му го тоа на партнерот и прекинете ја врската или обидете се да го решите тоа заеднички како пар. Не треба да се срамите од вашите чувства, но мора да разговарате за нив. Не смеете да се доведете до степен да изневерувате.
Доколку ги криете овие работи од вашиот партнер или се срамите да разговарате за нив, тоа можеби е знак дека оваа врска не е вистинската за вас. Пред да се затворите целосно или да се откажете од партнерот, обидете се да работите на себе и да ја одведете врската во вистинска насока.
Во продолжените дознајте кои тајни морате да му ги откриете на партнерот за да ја одржите врската здрава.