Кои намирници можат да го зголемат ризикот од појава на акни?
Истражувањата покажале дека одредена храна може да придонесе за појава на акни. Ова може да се должи на нивните ефекти врз појавата на воспаление или одредени хормони кои влијаат на развојот на акните.
Акните се честа состојба на кожата која се среќава кај речиси 10% од светската популација. Многу фактори придонесуваат за развој на акни, вклучувајќи производство на себум и кератин, бактерии кои предизвикуваат акни, хормони, блокирани пори и воспаление.
Неодамнешните истражувања покажале дека исхраната може да игра значајна улога во развојот на акните. Во продолжение прочитајте кои намирници можат да го зголемат ризикот од појава на акни.
1. Рафинирани житарки и шеќери
Луѓето со акни имаат тенденција да консумираат повеќе рафинирани јаглехидрати од луѓето со малку или без акни. Храна богата со рафинирани јаглехидрати вклучува:
- леб, крекери, житарки или десерти направени со бело брашно
- тестенини направени со бело брашно
- бел ориз и тестенини од ориз
- газирани сокови и други пијалаци засладени со шеќер
- засладувачи како шеќер од трска, јаворов сируп, мед или агава
Една студија покажала дека честото консумирање на храна богата со шеќер или масти е поврзано со 54% поголеми шанси за појава на акни, додека засладените пијалаци се поврзани со 18% поголеми шанси. Овој зголемен ризик може да се објасни со ефектите на рафинираните јаглехидрати врз шеќерот во крвта и нивоата на инсулин. Рафинираните јаглехидрати брзо се апсорбираат во крвотокот, што брзо го зголемува нивото на шеќер во крвта. Кога шеќерот во крвта се зголемува, нивото на инсулин, исто така, се зголемува за да помогне во исфрлањето на шеќерот во крвта надвор од крвотокот и во вашите клетки. Сепак, високите нивоа на инсулин може да бидат поврзани со неколку негативни исходи, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања и акни.
2. Брза храна
Акните се силно поврзани со исхраната богата со калории, масти и рафинирани јаглехидрати. Брзата храна како што се хамбургери, виршли, помфрит, газирани пијалаци и милкшејкови, може да го зголеми ризикот од појава на акни. Една студија покажала дека исхраната со многу маснотии е поврзана со 43% зголемен ризик од развој на акни. Редовното јадење пржена храна го зголемил ризикот за 17%.
3. Чоколадо
Неколку неформални истражувања го поврзуваат јадењето чоколадо со зголемен ризик од појава на акни, но тоа не е доволно за да се докаже дека чоколадото предизвикува појава на акни. Едно истражување покажало дека мажите склони кон акни кои консумираат 25 грама темно чоколадо дневно имале зголемен број на акни по само 2 недели. Друга студија од 2014 година покажала дека мажите на кои им биле дадени капсули од 100% какао во прав дневно имале значително повеќе акни по 1 недела во споредба со оние на кои им било дадено плацебо. Сè уште останува нејасно зошто чоколадото може да ги зголеми акните, иако една студија покажала дека јадењето чоколадо предизвикува лупење на кожата и зголемено присуство на бактерии што може да придонесе за појава на акни.
Откако прочитавте кои намирници можат да придонесат за појавата на акни, можеби ќе сакате да прочитате и како да го користите маслото од јојоба за третман на акни.
Извор: healthline.com