Кога е време да му/ѝ дадете повеќе простор?
Сите знаеме дека вниманието е една од најважните нешта во врската, но ретко кој знае дека тоа мора да се користи мудро. И покрај тоа што една врска не може да функционира ако партнерите не поминуваат доволно време еден со друг, исто така таа не може да функционира и ако тие поминуваат премногу време заедно. Премногу време со една личност може да ве направи посесивни и наметливи. На некој начин дури може да станете и целосно зависни од таа личност и да не можете да се чувствувате среќно и исполнето ако тој/таа не е покрај вас.
Поради тоа постои одредена рамнотежа која сите ние мора да ја одржуваме во нашите врски. Физички не е можно 24/7 да бидеме со одредена личност, но дури и да можеме тоа едноставно не е здраво. Луѓето имаат потреба од сопствен простор, бидејќи секоја индивидуа има свои вредности, интереси, хоби и цели. Кога во врската не се почитува оваа независност, таа може да стане деструктивна и штетна. Со просторот имате можност и вие и вашиот партнер да сфатите дека не се врти сè околу само една личност.
Голем број од луѓето и не сакаат да бидат во врска која што со тек на време ќе почне да ги „загушува“. И кога тие ќе се почувствуваат така, едноставно си одат. А ако некој постојано има потреба да биде со својот партнер, тоа може да биде знак дека таа личност воопшто не му верува на својот партнер или пак, дека има многу ниска самодоверба и дека верува дека не е доволно добра за него/неа. Исто така овие размислувања можат да доведат и до појава на љубомора и несигурност.
Погледнете ги наредниве знаци кои се појавуваат во врска каде што партнерите немаат доволно сопствен простор:
- Постојано размислувате за својот партнер кога не сте заедно.
- Во текот на денот постојано му/ѝ се јавувате или пишувате.
- Целото свое слободно време го поминувате со него/неа.
- Лесно станувате депресивни или нервозни ако не сте со него/неа.
- Станувате љубоморни или несигурни кога вашиот партнер поминува време со други луѓе.
- Не можете да си замислите ни еден ден да поминете без него/неа…
Многу поздраво е за врската доколку и двајцата поминувате одредено време со самите со себе и со вашите пријатели. На сите нам понекогаш ни е потребно да се оттргнеме од сите и да се потсетиме себеси на поголемата слика во нашиот живот и на фактот дека постојат и други работи кои ни се важни. На крајот од денот, оставањето малку слободен простор всушност ни помага да се зближиме со нашиот партнер, повеќе да го цениме и да не го земаме здраво за готово.
Постојат милиони начини на кој можете да го поминувате вашето време малку поразлично од досега и да се дозволите повеќе простор во вашите врски. На пример:
- Напијте се кафе со вашите пријатели и поблиски членови од фамилијата.
- Прочитајте книга, гледајте филм или слушајте музика.
- Започнете со креативно хоби како свирење на инструмент, цртање или пишување.
- Започнете со џогирање, вежбање или спортување.
- Волонтирајте.
- Одете на неделен одмор во друг град.
- Одредете време за метидација или молење…
Останува на вас да одредите како ќе го употребите слободното време. Целта на овие предлози е да ве натера да одберете активности кои се совпаѓаат со вашите интереси и цели во животот, посебно активности кои нема да можете да ги правите со личностите со кои најчесто се гледате. Рамнотежата е клучна компонента во животот и е подеднакво важна и за вас и за вашата врска.