Како до совршена фризура со марама?
Марамите за коса се одличен летен аксесоар па не ги заборавајте оваа сезона. Може да ги носите на плажа, на кафе или на вечерни журки. Погледнете го овој туторијал со слики за да направите супер фризура со марама за коса. Пожелно е да одберете марама со тенка жица која го задржува обликот и стои поцврсто за разлика од обичните марами.
Потребно:
- Лак за коса
- Пегла за коса
- Чешел за тапирање
- Гел-спреј за зацврстување
- Марама за коса
Најпрво испрскајте ја косата со лак за коса од коренот до врвовите. За да направите совршени брановидни локни разделете ја косата на двете страни со неправилен патец и врзете го едниот дел горе на главата. Со другиот дел од косата направете плетенка и со помош на пегла за коса поминете по плетенката создавајќи мал притисок (како што е прикажано на сликата). Повторете го истото со другиот дел од косата.
Отпуштете ги плетенките внимателно разделувајќи ги со прсти прамените од косата за да не ги уништите локните. Истапирајте го горниот дел од косата за да добиете волумен, почнувајќи од врвот кон коренот.
Одберете цврст гел-спреј за зацврстување на локните и испрскајте.
За совршено да ја врзете марамата поставете ја со двата краеви напред околу вратот точно под брадата. Фатете ги двата краеви и кренете ги до врвот на главата, потоа врзете ги во панделка. Донесете дел од локните пред марамата околу лицето за да го завршите овој романтичен изглед.