Како да изберете очила за вашето дете?
Понекогаш децата мора да носат очила за да се коригира нивниот вид. Како правилно да ги одберете и како детето да сака да ги носи очилата, се прашања што секој родител со ваков проблем си ги поставува. Во текстот ќе прочитате кои се работите на кои треба да обратите внимание при купувањето очила.
Прво на што треба да обратите внимание при купувањето очила за вашето дете е големината на рамките. Рамките на очилата треба да одговараат на големината на главата на детето. Важно е тие добро да му „лежат“ на носот, рачките од рамката да не го стегаат и да не се лизгаат или вадат при спуштање на главата. Не се препорачуваат големи, тешки рамки со кои детето нема да се чувствува удобно. Нешто поскапи, но поудобни се очилата што имаат флексибилни рачки.
Обликот на рамката, без разлика дали е метален или пластичен, шарен, дискретен или со силни бои, бирајте го во зависност од вкусот на детето. Дозволете му само да ја избере бојата затоа што тогаш повеќе ќе сака да ги носи.
Квалитетот на рамките е поврзан со цената, но не и со трајноста. Ако не внимава кога ги носи во текот на играњето, детето може да ги скрши или искриви очилата.
Доколку се работи за помал диоптер, нема никакво ограничување при изборот на рамките. Кај поголемите диоптрии се препорачуваат помали рамки што може да бидат и метални, но пластичните се најдобри. Подебелото стакло треба квалитетно и естетски да се вгради во рамката.
Ретко се избира фото варијанта на стакла за заштита од сончевите зраци, но препорачливо е при изборот на стакла да одберете такви што имаат UV заштита.
Како детето да засака да ги носи очилата?
Носењето на очилата многу зависи од ставот на родителите. Иако децата многу често брзо ги прифаќаат очилата затоа што сфаќаат дека со нив подобро гледаат, потребна е поддршка од родителите. По совет од лекарите, тие треба да му ја објаснат на детето користа од носењето очила и можеби, како позитивен пример, и самите да почнат да носат очила.
Можеби ќе сакате да прочитате и за тоа како да ги направите вашите очила поудобни.