Како да ги контролирате вашите мисли за време на медитација?
Можеби најтешкото нешто за почетниците во медитацијата е фактот дека мислите не престануваат да се појавуваат. Понекогаш како да стануваат и погласни за време на медитацијата. Па, сигурно мислите дека првиот чекор кон успешно медитирање е контрола над вашите мисли. Но, според експертите, треба воопшто да не се трудите да ги контролирате мислите.
На почетокот правете го токму спротивното. Дозволете им на мислите да полудат и набљудувајте ги овие моменти за време на медитацијата.
„Штом ќе престанете да се борите против вашите мисли, ќе забележите дека се намалуваат и ќе почувствувате мир“, изјавила Саша Грам, авторка и интернационален тарот учител.
Доволно е да се закотвите во сегашниот момент преку дишење и мирување и ќе станете посвесни за себе. Ќе почнете да ги гледате мислите како мисли, а не како вистини или факти.
Ќе станете активен набљудувач, а ова е моментот кога ќе постигнете вистинска моќ. Ќе застанете повисоко од вашите мисли, и најважно, од вашите емоции. Тие нема да имаат никакво влијание врз вас.
Главната цел на медитацијата не е мирот на телото или мирот на умот. Главната цел е проширување на свеста така што нашите постапки ќе бидат хармонични.
Кога седите мирни за време на медитација, нормално е да почувствувате зголемен број мисли кои пак не ви овозможуваат да ја постигнете медитативната состојба. Но најдобриот начин да ги контролирате овие мисли е само да ги набљудувате.
„Станувајќи сведок на менталниот доток на мисли, ние ја прошируваме нашата свест“, изјавила Кедар Нат, експерт за јога.
Со текот на времето интензитетот на вашите мисли ќе се намали и ќе бидете способни целосно да ги сопрете.
Ако имате проблем со набљудување на вашите мисли, секогаш постојат други начини на медитација. Можете да се обидете да го насочите вашиот фокус. Луѓето кои медитираат го фокусираат нивното внимание на нешта како дишењето, мантрите, фотографијата или звуците. Кога свесно размислувате или се фокусирате на нешто, несвесните мисли исчезнуваат.
Без разлика на вашиот пристап кон медитацијата, важно е да не ги судите мислите. Тие не дефинираат колку сте „добри“ во медитирање. Вашата врска со мислите ќе се смени со текот на времето, особено со често вежбање.
Вежбањето е еден од најважните делови во медитацијата. Со текот на времето ќе станете присутни во сегашниот момент, без потреба да контролирате што било, без чувства или проблеми, а тоа е вистинска слобода.
Прочитајте ги и овие совети за медитација за почетници.