Градинарска салата на скара
Пеколните горештини се како измислени за добра дружба во двор под дебела сенка. Во таква атмосфера скарата е неизбежна. Изненадете ги пријателите со едноставно подготвена салата на скара. Тој вкус на зеленчукот допрен со ќумур ќе ù даде посебен шмек на салатата.Потребно е:
- 1 главица марула
- половина портокалова бабура
- половина жолта бабура
- половина главица кромид
- 10-12 чери домати
- 1 краставичка
- 60 г тостирани пињоли
- 80 г сланина, исечкана на коцки
Подготовка: Исечете ги на поголеми коцки бабурите и кромидот и набоцкајте ги на стапчиња за скара. Печете ги на скара додека да се карамелизира кромидот и да омекнат пиперките. Марулата исечете ја на крупни парчиња, доматите на половинки и краставичката на тркалца.Тостирајте ги пињолите и пропржете ја сланината.Сите состојки ставете ги во длабока чинија за салата, заедно со кромидот и пиперките на скара. Зачинете со сол, бибер, маслиново масло и оцет по вкус.На крај, не заборавајте да си направите мохито од ананас на скара.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.