Дознајте што прават психолозите секој ден за да бидат среќни
Иако не постои една единствена тајна за среќата, редовната грижа за себе може значително да ви го подобри расположението. Луѓето ја наоѓаат среќата на многу различни места, така што многу е важно да откриете кои здрави навики ве прават среќни и секојдневно да ги практикувате. Самиот Аристотел некогаш кажал дека „Среќата е активност“. Многу работи во животот ни се случуваат сами по себе, но постојат и работи што треба да ги направиме ние самите, како што е наоѓањето среќа. Па, како експертите за ментално здравје ја негуваат среќата? Во продолжение дознајте ги нивните секојдневни навики…
1. Бидете свесни
Терминот „свесност“ најверојатно ви буди слики на јога или тивка медитација, но експертите велат дека можете да го постигнете овој начин на размислување и преку други вежби. Психологот Вилер открива дека неговиот избор на психичка и физичка вежба е пливањето, бидејќи повторливите движења природно доведуваат до свесно размислување.
„За да пливам добро, морам да се концентрирам на она што го правам. Живеам од замав за замав, од здив за здив“, објаснил тој.
Освен тоа, пливањето е одлична физичка вежба за телото.
„Кога ќе завршам со пливање, ништо не ме боли, а се чувствувам свежо и енергично“, додал Вилер.
Тој исто така советува да пливате од 30 минути до 1 час дневно, со што ќе успеете да се релаксирате и да си дадете медитативен одмор по напорниот ден.
2. Пишувајте белешки
Истражувањата покажале дека искажувањето благодарност може да доведе до голем број придобивки како што се подобар сон и намален ризик од депресија. Не е никакво изненадување тоа што експертите за ментално здравје се согласуваат со овие откритија.
„Ако забележам дека ми паѓа расположението или дека се чувствувам анксиозно, правам листа на работи за кои сум благодарна. Тоа ѝ помага на мојата умствена состојба и не ми дозволува да размислувам за стресни и негативни работи. Освен тоа, ми помага да си го подобрам расположението“, открила терапевтката Кејси Хауард.
Зошто и самите да не се уверите во ефикасноста на овој метод? Направете листа од 10 работи за кои сте благодарни. Немате што да изгубите!
3. Вежбајте
Докажано е дека кардио вежбите ја зголемуваат среќата.
„Трчањето е извор на мојот разум. Не само што ми помага да се ослободам од стресот, туку и ја буди мојата инспирација за смислување нови идеи“, изјавила Хауард.
Постои научно докажана причина зошто Хауард се чувствува подобро по физичката активност. Вежбањето го покачува адреналинот во телото, што предизвикува ослободување на ендорфини кои, пак, го подобруваат расположението. Дури и најкраткото вежбање може да направи голема разлика. Неодамнешните истражувања докажале дека лесните физички активности придонесуваат за поголеми емоционални придобивки, за разлика од умерените и интензивните вежби.
4. Зближете се со другите луѓе
„Секој ден одвојувам по малку време за да разговарам со мојот сопруг за ’нас’. На тој начин, ја одржуваме стабилноста на врската, а тоа ме прави среќна“, открила психологот Гејл Салц.
Салц и нејзиниот сопруг знаат што прават. Комуникацијата е клучот за секоја успешна врска, особено кога станува збор за љубовна врска. Според едно истражување од 2015 година, жените кои забележале дека нивните сопрузи редовно ги потиснуваат своите емоции не биле задоволни од бракот. Не плашете се да го кажете вашето мислење и да разговарате со партнерот, бидејќи токму тоа можеби ќе ви донесе среќа!
Прочитајте ги и 12-те навики на луѓето кои сами си ја создаваат својата среќа.