Долготрајна боја, здрава и сјајна коса: Со помош на овие трикови бојата на вашата коса ќе трае подолго
Дали и вас ве мачи тоа што откако ќе ја бојадисате вашата коса, за неколку дена бојата почнува да избледува и паѓа и вашата коса повторно изгледа како да е подготвена за ново бојадисување? Секако, не треба да ја бојадисувате вашата коса почесто од еднаш месечно заради тоа што на тој начин таа со брзината на светлината ќе се исуши, краевите ќе се уништат и испукаат, а исто така ќе почне да се мрси по целата должина и да опаѓа.
Вистина е дека при изборот на бојата за коса клучна улога игра и цената, а за да не банкротирате и да плаќате фризерски услуги кои не може да си ги дозволи секој, ние денес ви откриваме како да го продолжите животот на вашата боја за коса, односно како таа да трае подолго откако ќе ја бојадисате.
1. Избегнувајте секојдневно миење на косата
Тоа секако не значи дека треба да одите со мрсна коса, но обидете се да ја миете најмногу три пати неделно, а при миењето да не ја триете премногу, особено на темето. Ако вашата коса премногу често се масти, тогаш користете шампони за суво миење на косата. За бојата да трае подолго, одличен избор е благиот шампон кој не содржи сулфати.
2. Немојте да ја миете косата со врела вода
Врелата вода ја суши косата на темето, а во исто време прави и бојата да избледува. Најдобро би било да ја миете со ладна вода, но ако не можете да издржите, млаката вода е секако подобра опција од жешката.
3. Не претерувајте со апаратите за стилизирање
Избегнувајте користење на апарати за стилизирање кои работат на принцип на топлина, седум дена после бојадисувањето. Фенот, пресата, фигарото и другите апарати за стилизирање всушност го забрзуваат процесот на измивање на бојата.
4. Користете шампон за бојадисана коса
Денес со причина постојат шампони за бојадисана коса, за русокоси, бринети и црвенокоси. Шампонот за бојадисана коса ќе ја третира бојата на вистинскиот начин, а доколку имате црвен подтон на коса кој упорно избива, користете шампон и регенератор за бојадисана коса на база на виолетова боја. Тие ќе ги ублажат портокаловите тонови кои ве нервираат.
5. Користете маска за коса
Хемикалиите кои се наоѓаат во фарбите обично ја оштетуваат и сушат косата, па затоа ѝ е потребна соодветна нега. Еднаш неделно нанесувајте маска која длабински ја храни и регенерира косата. Косата ќе се опорави од бојадисувањето, но и бојата подолго време ќе се задржи на вашата глава.
6. Не ги заборавајте производите со заштитен фактор
Производите кои содржат заштитен фактор од сонце не се наменети само за кожата, туку и за косата. Сонцето, исто така, лошо влијае на бојата, бидејќи и самите знаете дека после една недела помината на море, вашата коса е по правило посветла. На косата задолжително нанесувајте заштитен спреј без разлика на годишното време.