Добро утро: Оригинални предлози за здрав појадок
Појадок за 5 минути
Сите ние живееме брзо и немаме време да се посветиме на себе, на здравиот живот и на правилната исхрана, а таа е многу важна за секого од нас. Најверојатно секое утро кога ќе се разбудите се запрашувате „Што да појадувам?“. Бидејќи сте во брзање, се подготвувате за на работа и за активностите кои ве очекуваат во текот на денот, па немате време да се посветите на исхраната. Но, ако издвоите само 5 минути секојдневно, ние ќе ви понудиме неколку предлози за вкусен и здрав појадок.
Смудито е хранлива напивка, која доаѓа директно од блендерот. Тоа е и лесен и едноставен начин за да не постојат повеќе изговори дека не јадете овошје и зеленчук кои не се термички преработени. Предноста на овој вид појадок е во тоа што можете да експериментирате, без можноста да погрешите бидејќи можете да го прилагодите според вашиот сопствен вкус. Неопходни работи за да направите смуди се: блендер, неколку производи кои сигурно веќе ги имате во вашата кујна и 5 минути! Погледнете неколку идеи:
Спанаќ и брокула
Во блендерот ставете:
- Спанаќ
- Брокула
- Киви
- Јаболка
- Ѓумбир (помало парче)
- 200 милилитри вода
Јаболка и ананас
Во блендерот ставете:
- Половина банана
- Ананас
- Јаболка
- Праска
- Ѓумбир
- 150 милилитри вода
Праска и морков
Во блендерот ставете:
- Праска
- Јаболка
- Морков
- Целер
- Половина лимон
- 150 милилитри вода
Во секое смуди можете да додадете јаткасти плодови (ореви, бадеми) а ние ви препорачуваме од една до две лажички ленено семе, лажичка мед и лажичка цимет.
Муслите се појадок кој се спрема за 5 минути, а е многу хранлив, здрав и прави да се чувствувате сито. Тоа што сакаме да го нагласиме е дека не треба да купувате готови, веќе спремени комбинации од разни чоколадни и овошни мусли, бидејќи тие се преполни со шеќер и воопшто не се здрави. Отидете во најблиската продавница за здрава храна и купете ги следниве производи:
- Овесни или пченични снегулки
- Сончогледови семки
- Ленено семе (препорачуваме сомелено)
- Суво овошје (грозје, смокви…)
- Половина банана, мед, кефир, (може млеко, јогурт)
- Јаткасти плодови по сопствен избор
Во чинија ставете овесни или пченични снегулки, додајте сончогледови семки, ленено семе, суво овошје по избор, лажичка мед и исечкана банана. Овие состојки можете да ги прелиете со млеко по избор, јогурт, а ние ви препорачуваме и кефир – еликсирот на младоста.