До сите девојки кои потрошиле премногу време на погрешна љубовна врска
Треба да знаете дека е за восхит тоа што толку многу се трудите за луѓето кои ви значат. Прекрасно е тоа што се залагате за луѓето толку многу и што сте подготвени да им дадете сѐ. Позитивна особина е тоа што врските ги започнувате со ширум отворено срце.
Во сите го гледате најдоброто. Го препознавате квалитетот во луѓето кои другите ги одминуваат. Во луѓето кои се исцрпени и комплицирани. Во луѓето кои мислите дека можете да ги поправите. Но, токму луѓето кои мислите дека можете да ги промените се оние кои најмногу ве повредуваат. Токму тие луѓе ќе ви земат сѐ што им давате, сѐ додека не ви остане ништо и потоа ќе си заминат, а вие ќе останете скршени.
Убаво би било кога би можело да се каже дека ќе имате само позитивни искуства. Но, за жал, ќе доживеете повеќе лоши врски отколку добри. Ќе запознаете луѓе кои ќе си играат со вашите мисли и ќе ве натераат да мислите дека вие грешите. Овие луѓе ќе ви одговараат на пораките 3 дена подоцна. Тие во еден момент ќе се грижат за вас, а во друг нема да им биде гајле. Овие луѓе ќе ви ги симнат сите ѕвезди и потоа ќе почнат да ве игнорираат. Овие луѓе ќе влегуваат и излегуваат од вашиот живот како да имаат право на тоа.
Ќе запознаете многу луѓе кои ќе ви го кажуваат тоа што сакате да го слушнете, затоа што нивните намери нема да бидат најдобри. И тие мислат само на едно нешто. Ќе имате многу физички врски со луѓето, но секогаш ќе ви недостасува емоционалната поврзаност. А тоа не е нешто што можете да го создадете по секоја цена.
Постојано ќе се обидувате и ќе се грижите, бидејќи тоа сте вие. Не знаете како да бидете опуштени и бесчувствителни, бидејќи едноставно не сте такви. Дури и погрешните луѓе ќе го извлечат најдоброто од вас. Но, многу од нив нема да ви се посветат. Ќе се анализирате себеси и ќе размислувате за вашите маани, мислејќи дека вие сте виновни поради тоа што не го добивате она што ви треба од некого, додека навистина се трудите да бидете она што некој го посакува. Ќе има моменти кога ќе се изгубите себеси преправајќи се во нешто што другите сакаат да бидете, наместо да бидете тоа што сте.
За жал, луѓето ќе ве натераат да мислите дека е лошо тоа што се грижите на таков начин. Но, оваа генерација не ги почитува вашите морални вредности. Не се менувајте поради тоа, дури и да сретнете луѓе кои ќе мислат дека сте луди поради некои ваши стандарди и вредности во кои верувате. Тие ќе ве натераат да помислите дека правите нешто погрешно, но вистината е дека тие грешат. Ќе се обидат да ве принудат да се помирите со ситуацијата. Ќе има моменти кога навистина ќе се помирите и ќе прифатите помалку од она што го заслужувате. Ќе започнете неколку токсични врски со луѓе кои не се добри. И ќе бидете многу повредени. Ќе се вљубувате во луѓе кои не ја заслужуваат вашата љубов и труд. Многу од нив нема да можат да ви го возвратат она што имате да им го дадете, бидејќи станува збор за нешто поинакво. Вие сте поинакви.
Сите се навикнати на тоа да бидат искористувани и земани здраво за готово. Сите даваат очекувајќи да добијат нешто за возврат. Вашето љубезно и искрено давање без да очекувате ништо за возврат е прекрасно. Тоа понекогаш ќе ви предизвика болка. Ќе плачете пред да заспиете и ќе се обидете да станете подобри. Но, мора да сфатите дека вие сте подобри.
Вие сте подобри од момците кои ве искористуваат само за секс.
Вие сте подобри од момците кои ве искористуваат емоционално.
Вие сте подобри од момците кои ве лажат, ви го кажуваат она што сакате да го слушнете и ви даваат ветувања што никогаш не ги исполнуваат.
Вие сте подобри од момците кои не можат да се посветат.
Вие сте подобри од сите тие пораки што остануваат неодговорени и сите тие игри што другите обожаваат да ги играат.
Вие сте подобри од луѓето кои ве оставаат да чекате.
Вие сте подобри од луѓето кои си заминуваат.
Вие се приврзувате емоционално и мислите дека ви требаат луѓето, но вистината е дека вие им требате ним и многу од нив не се свесни за тоа, додека не си заминете и не стане предоцна.
Но, немојте да се менувате колку и да ве боли. Еден ден ќе сретнете човек кој ќе ви покаже дека вредите. Еден ден ќе сретнете некој и сето тоа што сте го правеле за другите ќе ви се врати назад. Еден ден ќе ви се вкрстат патиштата со човекот кој ќе ви покаже колку сте прекрасни и ќе почнете да се гледате себеси низ негови очи. Нема да гледате во недостатоците и во нештата што би сакале да ги промените, бидејќи за него вие ќе бидете совршени.
Ќе сретнете човек кој нема да ве зема здраво за готово и да ве искористува за секс, туку ќе ве научи каков треба да биде сексот во една здрава врска. Тој нема да ве чува како тајна туку ќе ве покажува пред целиот свет. Тој ќе ве пресретне на половина пат. И кога ќе се случи сето тоа, ќе ви биде чудно на почеток бидејќи не сте навикнале да го добивате она што го давате иако тоа е токму она што го заслужувате.
Тој брзо ќе одговара на вашите пораки и ќе сака да биде со вас исто толку колку што и вие ќе сакате да бидете со него. Тој нема да ги откажува вашите планови и да ве извисува, додека вие се обидувате да делувате храбро иако страдате.
Ќе бидете повредени многу пати во животот поради вашиот карактер. Еден ден ќе љубите повторно, ќе бидете сигурни во тоа и ќе се будите до човек кој ќе направи да заборавите на сите луѓе кои некогаш ве повредиле, бидејќи тој нема да се однесува со вас на таков начин.
Можеби ќе си помислите дека не треба трудите толку многу додека не го најдете вистинскиот. Дека не треба да се повредувате себеси со вашето длабоко љубење. Дека не морате да правите сѐ за да ја спасите врската. Дека не смеете да ги одбирате погрешните луѓе. Но, мора да сфатите дека погрешните врски требало да се случат.
Овие лоши врски што ве скршиле на милион парчиња ќе ве научат како да ја цените вистинската врска. Немојте да се менувате и покрај тоа што страдате, бидејќи еден ден нема да чувствувате болка и еден ден ќе ви се врати назад сето она што сте го вложиле во луѓето кои не ја заслужиле вашата љубов и дарежливост. Тогаш ќе сфатите дека тие не ве заслужувале вас.
Не очајувајте поради тоа што сте сингл! Наместо тоа, партнерот што го барате, пронајдете го во себе.