Дали треба да се дружите со колегите од работа?

Дали треба да се дружите со колегите од работа?

Пријателството на работа може да го намали вашиот стрес и да придонесе за проширување на вашите видици, за релаксација и да биде добра основа за доживотни деловни врски, па дури и за партнерства.

Дали треба да се дружите со колегите од работа?

Да се дружите со вашите колеги од работа или не?

Одговорот на ова прашање не е едноставен. Речиси е невозможно да се употребат одговорите „да“ и „не“ во средина каде што работат многу луѓе. Но, прво да дефинираме што се подразбира под дружење со колегите.

Дружење е кога развивате добар колегијален или пријателски однос со колегите, што барем делумно се протега и во приватниот живот. Пријателството можете да го одржувате со заеднички ручек за време на паузите, со пијалак по работното време или да се дружите во слободното време во кое не мора да бидат вклучени и членовите од вашето семејството.

Ако избегнувате блискост и дружење, ќе ве сметаат за чудни, антисоцијални и аутсајдери, што не е некоја завидна позиција и може многу лошо да влијае врз вашата кариера. Не заборавајте дека многу често со колегите на работа поминувате повеќе време отколку со семејството и со пријателите.

Дружењето со колегите по работното време може да биде многу корисно за вашето психичко задоволство, а исто така може да ви даде до знаење на кои колеги можете да се потпрете, а на кои не и на кои колеги можете да им верувате, а на кои не можете.

Што не смеете да пропуштите?

Настани што во никој случај не треба да се пропуштат:

  • Сите видови дружење и забава за вработените
  • Новогодишна забава
  • Еднодневна или викенд екскурзија со вработените во компанијата
  • Роденденска забава
  • Забава за збогување со колега/колешка

Треба да бидете присутни на повеќето друштвени настани што се организираат од компанијата во којашто работите. Се разбира, може да има причини зошто некогаш нема да можете да отидете на одредена забава, но постојаното одбивање да присуствувате на ваквите настани значи непочитување на колегите и на претпоставените, па дури и занемарување на вашата работа. Така, сето ова може да биде контрапродуктивно. Ако не сакате да бидете дел од заедницата на одредена компанија, дефинитивно треба да си го поставите прашањето зошто воопшто работите во таа компанија.

Бидете дел од тимот

Многу колеги по работното време одат заедно на ручек, на кафе или на пијалак и одвреме-навреме сигурно и вие ќе добиете покана за роденден, за скара, за спортски натпревар, па дури и за свадба. Се разбира, сето ова не е во описот на вашето работно место, што значи дека немате обврска да појдете. Но сепак, потрудете се да присуствувате барем на дел од нив.

Вашето прифаќање на поканата за ручек, за пијалак или за забава значи дека се чувствувате како дел од тимот, но и дека колегите ве сметаат за дел од своето друштво или сакаат да станете дел од него. Ако сте срамежливи и тивки не значи дека треба да ги избегнувате поканите за дружба. Никој не очекува од вас да бидете во срцето на забавата и на разговорот или во центарот на вниманието, туку да бидете дел од целината како и сите други.

Запомнете дека во такви ситуации секогаш можете да дознаете корисни информации поврзани со работата, со колегите и со претпоставените што можат да ви помогнат при извршувањето на работата. Со оглед на тоа што во едно такво опкружување се зборува поотворено, значи дека можете да зборувате за одредени проблеми на работа, да решите некои спорови, да креирате стратегии итн. Исто така, добрите идеи многу често се раѓаат во порелаксирано опкружување.

Уште неколку причини зошто е добро да се дружите:

  • Можете слободно да го искажете вашето мислење на пријателски начин и во пријателска околина
  • Нема да се чувствувате нелојално и негативно
  • Можете да кажете работи што ви лежат на душа
  • Можете да дознаете што навистина се случува зад затворени врати

Иако дружбата со колегите е пожелна, на работа постојат и токсични луѓе од кои треба да се држите понастрана.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар