9 намирници што треба да ги јадете за време на постот за јак имунитет
Бидејќи сезоната на вируси е во тек, можеби постењето ќе ви дојде добро затоа што јадењето месо дополнително ја зголемува телесната температура. За време на постот, јадете овошје и зеленчук – храна богата со витамини и минерали, кои се клучни за јак имунитет. Иако изборот на храна е помал за време на постот, тоа не е лошо за вашето здравје затоа што тогаш не внесувате преработена храна, месни производи, производи полни со шеќер и сл.
Еве што треба да јадете за време на постот за јак имунитет:
1. Лукот е природен борец против патогените бактерии, габите и вирусите. Покрај тоа, тој е богат со витамини и минерали, особено со витамин Ц и селен.
2. Фолната киселина, која се препорачува за бремени жени, исто така треба да биде дел од вашата секојдневна исхрана затоа што таа е одговорна за црвените крвни зрнца и за „бришење“ на грешките во ДНК-низата што се јавуваат при заболувања и при нездрав начин на живот. Фолната киселина на природен и на безболен начин ги лечи последниците предизвикани од астма и од автоимуни заболувања. Фолната киселина може ја има во портокалите, во житарките и во зелениот зеленчук.
3. Цинкот е одговорен за отпорноста на телото на вируси. Овој клучен минерал можете да го најдете во семките од тиква и во други видови семки.
4. Копривата, какаото, цвеклото и леблебијата изобилуваат со железо. Леблебијата содржи двојно повеќе железо од истата количина месо. Какаото е богато и со магнезиум, па ако имате желба за чоколадо, вашето тело всушност може да бара магнезиум, кој е одговорен за опуштање на мускулите и на нервниот систем.
5. Сусамот содржи повеќе калциум од млечните производи и се користи во лекувањето на кршливите коски. Меѓутоа, телото може да го искористи само мелениот сусам (истото важи и за лененото семе), бидејќи обвивката на семето не дозволува да се апсорбираат хранливите материи од внатрешноста на семето. Сусамот содржи и салицилати, па ако имате аспиринска астма треба да бидете внимателни. Исто така, треба да бидат внимателни и оние кои имаат заболувања на бубрезите, како што е каменот во бубрезите. Зголемената употреба на сусам може да резултира во дијареја, но умерената употреба значително го подобрува крвотокот, бидејќи сусамот покрај калциум, содржи многу железо, витамин Е и други витамини и минерали. Некои супстанции кои влегуваат во неговиот состав може да ви предизвикаат проблеми, така што во тој случај може да пробате со препечен сусам, но така се губи витаминот Е.
6. Ориганото е добар сојузник во борбата против вирусните инфекции кои влијаат на респираторниот систем.
7. Циметот ги намалува воспаленијата.
8. Медот им помага на горните и на долните респираторни органи. Истото важи и за другите пчелни производи.
9. Чајот од ѓумбир го зајакнува имунитетот, но во големи количини може да предизвика крварење, па затоа не треба да се претерува.
Дополнителни совети
Витамините А, Ц и Е се термолабилни, т.е. чувствителни на топлина, па не гответе ги намирниците што ги содржат овие витамини. Ако пиете витамин Ц во форма на таблети, не пијте го со топли пијалаци.
Природен извор на витамин Б се житарките од цели зрна, особено овес. Овесната каша е богата и со фолна киселина. Но, не купувајте подготвена овесна каша, која е преполна со шеќери со адитиви, туку подобро е сами да ја направите од овесни снегулки.
Погледнете како да го направите ова кокосово кафе со само 3 состојки – совршено за велигденските пости.