6 трикови за подобрување на вашата самодоверба и соочување со потешкотиите во животот

6 трикови за подобрување на вашата самодоверба и соочување со потешкотиите во животот

Самодовербата е камен темелник на секој успех. Ако не верувате во себе, како да очекувате другите да веруваат во вас? Имајќи го тоа на ум, секој од нас барем еднаш се нашол во ситуација кога не бил сигурен во себе. Познато е колку негативно влијае таа несигурност и како нè спречува да бидеме тоа што сме и нè блокира да си ги оствариме целите. Па, како да ја подобрите вашата самодоверба за да успеете на секое поле во животот?

6 трикови за подигнување на самодовербата

1. Разбијте ја границата на самоограничувачки убедувања

Кога бевте деца мислевте дека можете да го освоите целиот свет. Меѓутоа, некаде помеѓу детството и возрасниот период, го задушивте ентузијазмот и природното тежнеење кон големи соништа. Родителите и учителите одеднаш почнаа да ви ги наметнуваат нивните сопствени убедувања за тоа што вие во животот можете и/или не можете. Тие нивни ограничувачки убедувања, за жал, ги прифаќате како свои без да размислите за нив.

За да го свртите тоа во ваша корист, за да се уверите себеси дека може да се верува во покорисни работи, можете да го направите следново – да се обидете да ги проширите границите на сопствените ограничувачки убедувања така што ќе се изложувате на ситуации кои не ви се баш пријатни или добро познати, но кои секако ќе ја зголемат самодовербата кога ќе завршат. Тоа не значи да се изложувате на неверојатни задачи, но можете да пронајдете некои конструктивни предизвикувачки ситуации кои ќе ви овозможат секој ден самите да се надминете и да го подигнете нивото на вашите позитивни убедувања за себе и за сопствената самодоверба.

2. Никогаш не го мешајте своето помнење со фактите

Во вашата меморија информациите се складираат онака како што вам најмногу ви одговара и како што ви е најлогично, но не и точно онака како што ви се пренесени. Затоа, честопати се случува различни луѓе да имаат различни гледишта за исти нешта или ситуации.

Како ќе ги складирате тие информации во голема мера зависи од вашиот личен систем на уверувања и вредности, но и од сликата која ја имате за себе. Јасно е дека со тоа му се овозможува на мозокот да не се пренатрупува со информации, но доколку ви е ниско нивото на самодоверба, тогаш тие информации што ги добивате ќе ги пропуштите низ сопствени „филтри“ што како резултат ќе ви дадат преработени информации кои само уште повеќе ќе го зацврстат нискиот степен на самодоверба.

За да го избегнете ова, добро е уште еднаш убаво да го проучите вашиот систем на убедувања и да го издвоите она што навистина се случило. Во тоа може да ви помогне и некој од страна кој ќе ви даде поинаква перспектива на случувањата.

3. Разговарајте сами со себе

Ова некому може да му изгледа потполно глупаво, но функционира! Доколку редовно разговарате со себе, вие можете да станете попаметни, да си ја подобрите меморијата и полесно да се фокусирате. Пример дека ова навистина функционира се припадниците на американската воена морнарица кои во тешки ситуации ја користат моќта на позитивното разговарање со себе.

Важно е да се биде позитивен затоа што од начинот на кој разговарате со себе зависи и начинот на вашето целокупно размислување. Кога на пример, ќе кажете „знам како да го направам ова“ или кога работите ги гледате како предизвик, а не како проблем, ќе ви се промени перспективата од која се набљудувате себеси и ситуацијата во која се наоѓате.

4. Бидете љубопитни

Љубопитноста е важен дел од самодовербата и успехот. Всушност, таа е темелот на целокупниот животен раст и развој. Љубопитството овозможува да се учат нови работи, и во согласност со нив, се проширува умот. Затоа е добро и корисно секој ден да пронајдете нешто со кое ќе имате можност да стекнете ново искуство и да откриете нови информации. Како да станете љубопитни? Со поставување прашања.

Поставувањето прашања го активира умот и ви овозможува да се отворите кон нови светови и можности додека одговорите на истите можат целосно да го пренасочат вашиот пат и да ви отворат нови хоризонти.

5. Надминете го сомнежот во себе

Доколку ви фали самодоверба, секогаш ќе имате чувство дека другите ве сожалуваат. Кога сте во улога на жртва, не сте отпорни на препреките на кои наидувате, кои пак се неизбежен дел од сечиј живот. Некогаш се соочувате со ситуации кои не се ниту пријатни, ниту лесни, но доколку се сомневате во себе, сè што е непријатно и што не е лесно – ќе ви биде уште понепријатно и потешко.

Од друга страна пак, ако размислувате на начин кој може да ве зајакне, како што е мислата: „Каква и е да е ситуацијата, каде и да сум, со што и да се соочувам, ќе успеам да се изборам со тоа затоа што верувам во себе и не се плашам“, препреките на кои ќе наидете нема да ви изгледаат толку страшно. Размислете за себе и во кој дел од себе најмногу се сомневате и храбро тргнете во рушење на сите сопствени бариери кои ве спречуваат да го постигнете тоа што го сакате.

6. Соочете се со своите стравови

Кога имате чувство дека ја имате контролата, стравот го нема. Исто така, кога чувствувате одредено ниво на сигурност во нешто, тогаш тоа нешто не изгледа страшно. Меѓутоа, кога ќе исчезне тоа чувство дека сè држите под контрола, како да го снемало, тогаш не сте способни јасно и рационално да размислувате затоа што емоциите го преземаат водството и почнуваат да „владеат“. Затоа стравовите се ирационални. За да се соочите со нив и да се ослободите, корисно е прво да размислите, да заклучите кој страв е најголем и најсилен.
Кога подобро ќе размислите за тоа, потоа треба да се запрашате себеси што е најлошото нешто што може да се случи ако тој страв стане вистина. Притоа треба да се фокусирате на дишењето, а потоа да го опуштите телото – со секое ново издишување. Тоа е добар начин за соочување со стравовите, бидејќи вие сте живи и понатаму, зарем не?

Верувајте во себе за да можат и другите да веруваат во вас. Започнете со верувањето уште денес. И бидете храбри затоа што стравовите се само во вашата глава. Вие сте посилни од нив и ќе ги надминете.

Прочитајте ги овие совети за самодоверба за уживање во себе и во сопственото тело.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар