5 решенија за вашата долна облека во новата година
Автор: Марија Петреска
Сега кога новата година започнува си ветуваме дека ќе се подобриме и дека нема да повторуваме одредени грешки од изминатата. Сепак, нашите промени нека започнат со она најосновното во животот на секоја жена – долната облека. Ова се пет можни решенија за во новата година кои сигурно ќе ви помогнат и ќе придонесат за подолг живот на вашата долна облека.
1. Инвестирајте во квалитетен градник без прерамки
Празничната атмосфера придонесува за долгочасовни подготовки во период кога најчесто доминираат фустанчињата. Тогаш не можеме да го игнорираме фактот дека нашиот арсенал од градници е потполно нефункционален доколку немаме квалитетен градник без прерамки. Овој градник повеќекратно ќе ви се исплати и без никаква пречка ќе овозможи да ги носите вашите најомилени свечени фустанчиња.
2. Купете удобно парче долна облека за обликување на телото
Да бидеме искрени, ова е сезона на дружење со пријателите, семејството и секако препуштање на покалорична храна и слатки задоволства. Кога ќе заврши, неминовно ќе ги почувствуваме последиците. И доколку планирате да стартувате диети и вежби на крајот од јануари, доволно е дотогаш да го имате овој ас во ракавот. Тоа значи удобно парче долна облека кое ќе ја обликува вашата форма и ќе придонесе за вашата самодоверба и беспрекорен изглед.
3. Пронајдете спортски градник кој сигурно ќе го користите
Нека оваа година ви биде исполнета со поголема физичка активност и грижа за вашето тело во која ќе остварите подобра физичка кондиција и ќе имате поцврсто тело. Пред да започнете со сето тоа вежбање, трчање и потење, ќе ви треба добар спортски градник со кој ќе го минимизирате отскокнувањето. Тоа е доста важно затоа што и кај девојките кои носат помали бројчиња, евидентирани се болки во градниот кош како резултат на одредена физичка активност.
4. Грижете се подобро за вашата долна облека
Најчесто не сме доволно свесни за потребата од одржување на нашата долна облека. Доколку ги перете рачно, секогаш внимавајте да користите млака вода и нежен детергент, а обрнете доволно внимание и на деловите како потполнките за кои најчесто се заборава темелно да се исперат.
Доколку ги ставате во машина за перење, сместете ги во посебни футроли за да не дојде до уништување заради поставените жици. Но, доколку немате вакви футроли, едноставно решение е ставањето на градникот во навлака за перница која добро ќе ја затворите.
5. И за крај, средете ги фиоките со долна облека
Знаете дека имате претерано кога едноставно не можете со леснотија да ја затворете фиоката во која ја чувате вашата долна облека. Бидејќи најчесто употребуваме околу половина од колекцијата на долна облека која ја поседуваме, првиот чекор е ослободување од сите стари, износени и распарани парчиња. Тука спаѓа и онаа резерва која ја чуваме за очајните денови (како на пример за време на менструалниот циклус).
Вториот чекор е ослободување од сите парчиња во кои не се чувствувате удобно и за кои знаете дека нема повторно да ги облечете. Значи, „збогум“ на несериозното купување и на неорганизираноста и „здраво“ на екстра просторот во вашата фиока.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.