5 правила што треба да ги знаете ако сакате да започнете љубовна врска со колега

5 правила што треба да ги знаете ако сакате да започнете љубовна врска со колега

Врските на работа не се толку чудни. Ако подобро размислите ќе сфатите дека со колегите поминувате речиси исто толку време колку и со членовите на најблиското семејство. Со оглед на тоа дека љубовта може да се роди секаде, ако се вљубите во колега или колешка и решите да започнете љубовна врска, треба да воспоставите правила што ќе ги почитувате двајцата…
5 правила што треба да ги знаете ако сакате да започнете љубовна врска со колега

Размислете двапати пред да започнете врска

Ако го запознаете вашиот партнер на работа тоа може да биде одлично за вашиот социјален живот, но не толку добро за кариерата. Разумот ви говори да избегнувате врска од работа затоа што тоа може лошо да се одрази на двајцата, а и знаете дека ќе биде непријатно доколку врската не успее. Сепак, ви се чини дека некогаш „хемијата“ помеѓу вас е многу посилна од разумот.

Немојте да одите на првиот состанок ако не сте сигурни дека колегата навистина ви се допаѓа и дека помеѓу вас може да има нешто сериозно. Со други зборови, не се ставајте во непријатна ситуација така што ќе бидете во врска само месец дена колку да ги подгреете озборувањата, а потоа да раскинете затоа што вашата работна репутација би можела да биде неповратно уништена.

Не го кршете законот

Бидете многу внимателни и уверете се дека постојат чувства и од другата страна. Во никој случај не дозволувајте колегата да почувствува притисок за да биде во врска со вас. Доколку личноста што вам ви се допаѓа е на пониска работна позиција од вас, бидете посебно внимателни и немојте да правите ниту шеги кои би можеле да бидат погрешно толкувани како сексуално вознемирување. „Не прифаќам НЕ за одговор“ би можело да биде симпатично, но во овој случај тој или таа може да сфати дека работата не му/ѝ е сигурна ако ве одбие.

Дискрецијата е клучна

Сè додека и двајцата сте задоволни со врската и начинот на кој работите се одвиваат помеѓу вас, сè ќе биде во ред. Сепак, тоа не значи дека би требало да обелодените пред сите дека сте заедно или пак да разменувате нежности пред други. Со други зборови, трудете се да бидете колку што е можно подискретни и нека вашите приватни работи останат приватни. Не морате да лажете за врската, но не дозволувајте другите колеги да се мешаат во вашиот однос, не споделувајте никакви детали – инаку ќе бидете главен предмет на озборувања.

Поставете правила и направете план

Не звучи баш премногу романтично, но би било паметно да се договорите за правилата кои ќе ги почитувате и да имате план како понатаму доколку не успеете. Важно е и двајцата да го сакате истото – на пример сериозна врска или однос без обврски?
Исто така, дали сакате врската да ја чувате во целосна тајност? Дали ќе избегнувате заедно да доаѓате и да заминувате од работа? Дали ќе одите заедно на пауза?

Потоа доаѓа оној тежок дел – што ако раскинете? Секако дека никој не размислува на тоа на почетокот на врската кога сè „цвета“, но важно е да се договорите како ќе се однесувате ако дојде до тоа. Освен ако не планирате да дадете отказ (или партнерот да го направи тоа), може да биде непријатно секојдневно да се гледате. Разговарајте за тоа уште пред да се случи.

Не дозволувајте вашите чувства да ве спречат да работите

Можеби е најдобро да се избегнува врската од работа, но ако веќе одлучите да започнете врска, не дозволувајте таа да влијае на начинот на кој ја извршувате работата. Ако го дозволите тоа, големи се шансите некој од вас двајца (или двајцата) да мора да бара нова работа или нов партнер/ка. Можно е да биде незгодна ситуација ако некој од вас двајца е надреден, а другиот треба да му „одговара“ за некои деловни работи. Ако ја ставите романсата пред работата можете да си направите голем проблем.

Дознајте и дали заедничките интереси се клучни за здрава врска.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар