5 одлични рецепти без масло за оние кои постат
Веќе започна Велигденскиот пост, најдолгиот од сите четири постa на православните христијани. Овој пост трае 48 денови и се смета за најстрогиот во годината. Во текот на овие 48 денови, храната се подготвува само на вода, без масти и масло. За време на викенди, дозволено е консумирање храна направена со масло. Доколку оваа година одлучивте да постите, имаме неколку одлични рецепти за вас.
1. Крем чорба од спанаќ
Потребни состојки:
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 3 компири
- 400 грама спанаќ
- 1 морков
- 1 пашканат
- Сол и бибер
- Магдонос
Начин на подготовка:
Исчистете го зеленчукот и исечкајте го во големо тенџере. Додајте вода колку да го прекриете зеленчукот и гответе околу половина час. Потоа изблендирајте го сварениот зеленчук, додајте малку вода и зачинете.
2. Рижото со зеленчук
Потребни состојки:
- 150 грама грашок
- 150 грама моркови
- 150 грама пченка
- Околу 180 грама бел ориз
- Сол и бибер
- Свеж магдонос
- Куркума (по желба)
Начин на подготовка:
Сварете го зеленчукот во малку вода, па кога ќе биде речиси готов додајте го добро измиениот ориз. Оставете да се вари 10-тина минути, а потоа тргнете го тенџерето од шпоретот. Додајте сол, бибер и свеж магдонос и добро промешајте. Доколку сакате, можете да додадете и куркума
3. Шпагети во сос од домати
Потребни состојки:
- Доматен сос (може и свеж домат)
- 2 моркови
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- Сол и бибер
- Оригано
- 1 пакување тестенини
Начин на подготовка:
Во малку вода динстајте ги лукот, кромидот и морковот. Пред водата да почне да врие, додајте го доматниот сос и зачинете. Во посебно тенџере сварете ги шпагетите „ал денте“. Потоа исцедете ја водата, додајте го сосот и добро промешајте.
4. Грав со вода
Потребни состојки:
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 2 моркови
- 2 пашканати
- 300 грама бел грав
- Сол и бибер
- Ловоров лист
Начин на подготовка:
Потопете го гравот во вода, па оставете го на рингла да зоврие. Кога ќе зоврие, исцедете го и додајте нова чиста вода. Потоа додајте го исечканиот лук, морковот и пашканатот и гответе околу 1 час. Додајте зачини и тргнете го тенџерето од шпоретот.
5. Пита со ориз и праз
Потребни состојки:
- 1 праз
- 300 грама сварен ориз
- Сол и бибер
- Кисела вода
- 1 пакување кори за пита
Начин на подготовка:
Исечкајте го празот и динстајте го на малку вода. Потоа додајте го сварениот ориз и зачинете.
Одвојте една кора, ставете неколку капки кисела вода, па над неа ставете уште една кора. Нанесете од смесата со ориз и праз, свиткајте ја кората и ставете ја во тава за печење. Откако ќе го направите истото со сите кори, прелијте ја питата со кисела вода и оставете ја да се пече 20-тина минути на 200 степени.
Доколку немате идеја за десерт, порбајте ги овие посни бомбици од суво овошје и јаткасти плодови.